Нема правда, нема гласови!

Не само што ДУИ не се прв, туку е прашање дали се веќе и втор фактор за влијание меѓу етничките Албанци во Македонија?

3558

Претседателскиот втор изборен круг ќе дојде и ќе помине за десетина дена и, како што сега стојат работите со напорите и на власта и на опозицијата да мотивираат што повеќе граѓани да излезат на гласање, шансите да добиеме нов претседател се изгледни.

ВМРО-ДПМНЕ е во голем напор да докаже дека поразот во првиот круг е, всушност, победа, иако нивниот резултат е меѓу најлошите во последните една-две изборни децении во Македонија. Да биле изборите парламентарни, ќе освоеле убедлива победа против власта, а да биле локални, победата ќе била уште поголема. Да беше бабата дедо, Гордана ќе беше Стево. Според нивните весели математики, да беа изборите европски, можеби ќе имаа повеќе пратеници и од германската ЦДУ. Ама, бидејќи се претседателски, најверојатно ќе ги изгубат. Но, тоа не е ни важно, бидејќи тие веќе прогласија победа во внатрепартиските структури, а тоа, сепак, беше и примарната цел на новото раководство на партијата за овие избори.

Во обраќањата на првиот постизборен ден, ВМРО-ДПМНЕ повеќе воопшто не го ни спомнува Преспанскиот договор, бидејќи на таа „карта“ ставија сè во првиот круг на гласање, па сепак ги изгубија изборите. Тој што сакаше да излезе на темата „предавство“, гласаше за Силјановска Давкова, со што стигнаа едвај до половина од гласовите дадени во поддршка на референдумското прашање за Договорот од Преспа. Сега Преспа е заборавена, гласачки е апсолвирана, а тие поминаа на водење класична кампања како за на локални или парламентарни избори, надевајќи се дека помеѓу април 2017 и април 2019 година амнезијата на гласачите е со размери на епидемија, па кога зборуваат за корупција или за партиски вработувања, луѓето прво би помислиле на сегашната, а не на нивната власт: „Груевски? Кој е тој Груевски?! Таков лик не постои – светот започнува од Заев, тој е злото што мора да ја загуби власта!“

Полемиката, пак, што се води на левицата за тоа зошто победата во првиот изборен круг не е поголема, покрај мноштвото критики за резултатите од владеењето во изминатата година-две, традиционално, ги извади на површина и сите фрустрации, суети, нерасчистени сметки, целата завист и љубомора што Заев успеваше да ги потисне фуриозно испорачувајќи ја во последните две години меѓународната иднина на земјата. Многумина од овие разочарани левичари би се согласиле и Груевски да се врати на власт од Будимпешта, само за да му докажат на Заев дека „они“ сè на време кажале и предупредиле, ама кој нив да ги слуша! А да не им одговараше на сите СМС пораки, Заев навистина ќе можеше и нешто попаметно да направи во сопствениот двор за кој сега му доделија метла да го зачисти.

За СДСМ на тест е концептот за „Едно општество за сите“, кое Заев на Албанците им го нуди со посредство на ДУИ. Велат дека Ахмети повторно валкано играл и дека „зад грбот“ на Заев шурува со Груевски. А мене ми се чини дека ќе мора да се навикнуваме на тоа дека, со сите изборни „мајмунлаци“ на ДУИ, тие, всушност, ја немаат силата на терен еквивалентна со онаа проретчена сила што ја имаат во пратеничките мандати во Собранието кои го комплетираат владиното мнозинство на Заев. Луѓето можеби и се трудат, ама толку можат. Не само што ДУИ не се прв, туку е прашање дали се веќе и втор фактор за влијание меѓу етничките Албанци во Македонија?

Но, СДСМ има една друга реална опасност пред себе: под импресија на кампањата на ДПМНЕ, да помислат дека и самите се наоѓаат во кампања за локални избори и да заборават дека намалената поддршка на овие претседателски избори пред сè се должи на кусокот на правда во општеството, а не на уште некој метар недоизграден тротоар по општините.

„Нема правда, нема гласови“, е резултатот по првиот круг од гласањето за претседателските избори. Се плашам дека е поголема таа тема од метлата со која Заев мисли да подзачисти меѓу двата изборни круга.

Извор: Цивил медиа

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...