Нема нов случај со МРСА, резултатите од мострите од училиштата негативни

109
ФОТО: МИА

Негативни се резултатите од 48-те земени мостри од неколку училишта и градинки од Чаир и Бутел, што требаше да покажат дали има присуство на бактеријата МРСА. Деновиве нема ниту еден нов случај со бактеријата МРСА.

Ова денеска го изјави епидемиологот Александар Стојанов од Центарот за јавно здравје Скопје, кој во врска со тоа дека минатата недела кај ученик од Зелениково е потврдена бактеријата, рече дека бактеријата може да ја има во секое училиште и секаде на друго место, дека станува збор за колонизација на бактерии во овој случај тоа е МРСА.

– Нема потреба од никаква реакција во смисла да се земаат антибиотици. Бактеријата МРСА е опасна во болнички услови. Ние не живееме во стерилна средина, ние сме цело време изложени на некакви инфекции. Немаме болно дете, се реагира кога има температура, инфекција, изразена со клинички знаци… Ова е нормална ситуација во општеството, така што немаше потреба од посебни мерки – рече д-р Стојанов.

Посочи дека Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство одлучила дека не може на секое јавување од директори или од професори од училиштето каде ќе се најде некоја таква бактерија, веднаш да се оди во Центар за јавно здравје за да се земат брисеви за цело училиште, да се дезинфицира итн.

– Комисијата одлучи дека ќе се направи едно кратко упатство во случај кога во Центарот за јавно здравје доаѓаат родители со упати од матичен лекар за да им се земат контролни брисеви на нивните деца. Ќе бидат известени матичните лекари дека кај вакви случаи кога нема клинички знаци за инфекција, а тоа го викаме колонизација на бактерии на одредено место во телото, нема потреба да им издаваат упати на родителите за нивните деца и да ги препраќаат за брисеви во центрите за јавно здравје, дека не треба да се препишуваат антибиотиците, бидејќи се повеќе се зголемува резистенцијата кога се даваат без потреба. Нема потреба од паника – рече д-р Стојанов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...