Нема нова амнестија ама ќе има помали казни за некои обвинети од СЈО

657

Владата демантираше дека во договор со опозицијата ќе се протнува амнестија на мала врата со измени на член 353 од Кривичниот законик за злоупотреба да службената положба и овластувања, но сепак измени ќе има ама во друг член.

Вчера Собранието ја усвои потребата од измени во членот 275-в кој се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство.

Измените се предлагаат во ставот 3 кој гласи: „Ако сторителот со извршување на делото од ставот (1) на овој член остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или предизвикал штета од поголеми размери, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Со промените, пет години би се замениле со четири.

Ваквите измени можат да влијаат на казните во предметот „Труст“ каде меѓу осудените се Сеад Кочан и Василие Авировиќ кој пак е син на пратеничката Владанка Авировиќ која е меѓу осумте пратеници од опозицијата кои гласаа за уставните измени.

Предметот има пресуда од првостепениот суд, Кочан е осуден на шест години, а Авировиќ на три. Меѓутоа, пресудата сѐ уште не правосилна, предметот се наоѓа во Апелација која би можела да ги намали казните.

Измените на законот во Собрание денеска се ставени на дневен ред за второ читање во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...