Нема напредок со сиромашни граѓани

Заслепени од алчност, паралиите не гледаат дека најбогатите и најразвиените земји во Европа одамна го имаат воведено прогресивниот данок. Токму поради тоа, во тие земји не се станува милионер, па и милијардер преку ноќ, како кај нас, туку полека, степ бај степ.

1476

Читам податоци од анализа на Министерството за финансии направена минатата година, а врз основа на податоците добиени од УЈП. Еве што прочитав: Јазот меѓу личниот доход на најбогатите и сите останати во Македонија е најголем во Европа. Најбогатите, или еден 1% oд нас граѓаните на државичкава, заработуваат во просек по 4180 евра месечно. Наспроти нив 99% од нас заработуваат по 262 евра месечно.

Според анализата, претходната година 15 паралии оствариле доход повисок од милион евра, а највисокиот бил 2,6 милиони евра. Милиони евра, е.е.е.е.ј, или 100 до 200 и кусур илјади евра месечно. Умот да му се сврти на човека. Паралии бре мајката, ас паралии. Мало државче, ас паралии.

Од анализата се гледаат и други податоци. Така се гледа дека над 500 илјади евра претходната година заработиле 66, а над 100 илјади евра заработиле 775 наши сограѓани. Со различни примери, анализата заклучува дека државава е лидер по нееднаквост меѓу европските земји кои објавиле вакви податоци.

Фајнали, анализата заклучува дека најголемите наши македонски паралии, процентуално ти плаќале најмалку данок, а најсиромашните меѓу нас граѓаните плаќале процентуално најмногу.

Владата, планира да ја намали нееднаквоста на меѓу нас граѓаните со покачување на износот на минималната плата, надоместокот за стечајците и со даночна реформа, или попрецизно кажано, со воведување на прогресивна даночна стапка која ќе овозможи оние граѓани кои заработуваат повеќе, да плаќаат и повисок износ на данок.

Планот на Владата силно ги вознемири паралиите. Се бунат. Пискаат. Пискотници се слушаат од Маќедоња до Марс. Раководството на ДПМН-ето на чело си Мицета наш, ги поддржува. Плаче заедно со нив. Плачат и некои работници и пензионери со месечни примања од двеста и кусур евра, па и помалку. Плачат кутрите. Очигледно не знаат што е тоа прогресивен данок, а плачот е заразен. Плачат ли плачат. Прогресивниот данок ќе ги упропастел, ќе стагнирала економијата. Ќе немале пари да ги плаќаат вработените (читај робовите). Туризмот ќе пропаднел. Државата ќе назадувала и така натаму и тако даље.

Заслепени од алчност, паралиите не гледаат дека најбогатите и најразвиените земји во Европа одамна го имаат воведено прогресивниот данок. Токму поради тоа, во тие земји не се станува милионер, па и милијардер преку ноќ, како кај нас, туку полека, степ бај степ. Економијата во тие земји напредува поради правилната распределба на доходот, која овозможува граѓаните да имаат пари и да се оформи многубројна средна класа. Ако граѓаните имаат пари, тие трошат. Купуваат стоки и услуги на пазарот за да живеат поубаво. Секој сака да живее поубаво. Гладен за стоки пазарот ги бара од производството. Производството произведува. Економијата напредува. Капиталот циркулира или, народски кажано, се врти и се зголемува.

Најмоќната економија на Планетава, онаа на САД, напредува благодарение на стимулирање на потрошувачката базирана на цврсто регулирана и, за нивни услови, правилно поставена распределба на националниот доход. Таму неплаќањето данок строго се казнува. Таму на наемните работници им се исплаќа до цент она што го заработиле и што им припаѓа според Уставот и законите. Тоа нашите паралии не го гледаат. Алчноста не им дозволува. Таа ги заслепила.

Нема напредок со сиромашни граѓани кои мака мачат за да преживеат. Парите треба да бидат кај мнозинството граѓани, а не кај неколку проценти паралии меѓу нив. Се разбира, во пазарно ориентирана и пазарно поставена економија ќе има и паралии. Но, ако се вратат парите кај граѓаните, ќе и ма и бројна средна класа. Во нашава државичка имаме неколку проценти богати граѓани, а остатокот е сиромаштија, од кои скоро четвртина се крајна сиромаштија која гладува. Во таква држава нема напредок.
Затоа господа паралии опуштетете ја душата. Не плачете. Не тажете. Прогресивниот данок ќе овозможи повеќе пари да се влеат во државната каса. Тие пари ќе се употребат за повисоки плати на јавната администрација, за повисоки надоместоци, за повисоки пензии, за поквалитетно здравство, поквалитетно и поевтино образование, за подобра инфраструктура, за почиста животна средина и за што уште не, или со еден збор, за поквалитетен живот.

Парите господа што вие сте ги спечалиле се вишок на вредност од трудот на граѓаните – наемни работници кои за бедни плати работат кај вас од зора до мрак. Дајте им повисоки плати господа. Плаќајте им ја секоја минута прекувремена работа. Плаќајте им повеќе за работа ноќе, за време на викенди, државни празници; плаќајте им ги патните трошоци, плаќајте им К-15, плаќајте им се за што законот ве обврзува. Нека имаат пари. Тие се потрошувачи на вашите стоки и услуги. Ако ги плаќате тие ќе имаат пари кои ќе ги трошат за да живеат поубаво. Парите пак ќе се вратат кај вас. Капиталот ќе кружи и ќе се оплодува, ќе се зголемува. Вашите пари ќе се множат. Пак ќе бидете богати, а богами и сигурни, безбедни. Ако работите чесно нема да се плашите за иднината. А Мице, ако е патриот, како што се прикажува, нека помогне арамиите од неговото ДПМНЕ да и ги вратат на државава ограбените пет и кусур милијарди евра. Ред е ДПМНЕ-то еднаш да постане конструктивна опозиција. Доста беше деструктивна (рушителска).

Што се однесува до новопечените бизнисмени кои ви завидуваат и мечтаат да ви се придружат, тие господа, не ќе можат, како досега, да се збогатуваат преку ноќ, туку полека. Полека, но сигурно. Време е господа ова наше капиталистичко – граѓанско општество еднаш да се стабилизира и да тргне напред. Време е со чесна работа, со труд да тргнеме кон остварување на целите на Уставниот поредок на Републикава: владеење на правото, мир и соживот, социјална правда и висок животен стандард.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...