Новинарската професија вeќе се соочува со недостиг на професионален кадар бидејќи од година во година опаѓа бројот на запишани студенти по новинарство. Во оваа учебна година на програмите за журналистика на факултетите во Македонија се запишани само 21 студент.
Можност да станат дипломирани новинари, младите во земјава ја имаат на три државни универзитети. Скопскиот, тетовскиот и штипскиот. Најмногу запишани бруцоши има на програмата за новинарство на Правниот факултет во Скопје – 12, двојно помалку или 6 се запишале на студиите по новинарство на Правниот факултет во Тетово, додека на Медиумски студии и односи со јавност во Штип се запишале само тројца студенти.
Овие бројки се сѐ поразителни од година во година. Лани, на пример, вкупниот број на запишани студенти кои еден ден сакаат да бидат дипломирани новинари изнесувал 29. Исто, најмногу – 16 биле во Скопје, 10 во Тетово и 3 во Штип.
Дека интересот за новинарството континуирано опаѓа, покажуваат и статистиките од претходните години. Преклани односно учебната 2016/2017 на скопскиот факултет имало 32 бруцоши, на тетовскиот 8, а на штипскиот 11. Вкупната бројка на нови студенти по новинарство изнесувала 51.
Според податоците со кои располагаме, во академската 2015/2016 бројот бил далеку поголем, 130, или шест пати повеќе студенти од годинава. Тогаш најмногу запишани биле на тетовскиот Правен факултет 71 кога студиите по новинарство биле дисперзирани во Скопје. 41 бруцош се запишале на Правниот факултет при скопскиот универзитет, а во Штип бројката изнесувала 18.