Нема збогум, драг Пепи

3432

Велат таму, во нашето Скопје, кое одамна не е наше, дека си исчезнал… дека многумина те виделе, но дека никој не може да те најде… небаре невидлив дух да си станал, кој така лесно, што би рекол ти, лефтерно, низ воздух се меткаш …

… а јас каков што сум… не сакам да верувам во тоа… не сакам затоа што, и ти и јас знаеме дека исчезнувањето е нешто кое е во тесна спрега со сеќавањето и заборавот. Твојата реална состојба, твоето крeвко здравје, кое секојдневно те оневозможуваше да си го најдеш патот дома, не е исчезнување. Талкајќи низ градот низ кој знаевме и со врзани очи да се акаме до рани утрински часови без да се изгубиме, и твоето губење некаде во тој кич кој што го презираше, е само еден скап данок што ти скапо ѝ го плаќаш на твојата безмилосна галопирачка болест и на брутална рурална култура што нѐ брише сите. Ти се загуби и никој не успева да те најде, драг мој Пепо, не  исчезна… да знаеш.

И нема да исчезнеш сѐ додека трае сеќавањето на тебе и на нас со тебе.

Како да ги заборваиме оние тинејџерски журки долу во твојот подрум, од кои што крадевме книги за да го видиме светот од онаа страна на желбите за него.

Како да ги заборавиме сликите од зимско Крушево и твојот неизмерен шарм додека ги освојуваше девојките околу нас.

Како да го заборавиме твојот турски чај кој со душа чекавме да го демнеш додека како гуштери на топло сонце се тегневме на твојата долга тераса и го слушавме појот на биљбилите што така лесно ти галеа душа.

Како да ги заборавиме оние есенски денови на нашите први студентски денови во Белград, или пак твојата студентска соба полна со посебени реликвии во Љубљана.

Како да ги заборавиме долгите партии покер, бриџ или преферанс, кои понекогаш ни беа подраги и од школските часови, па останувавме да играме до изнемоштеност додека надвор врнеше снег.

Како да го заборавиме твојот видео запис и извештај од Мексико Сити кога се најде во него токму тогаш кога го разурна катастрофален земјотрес…

Како да го заборавиме твоето пресреќно, озарено лице кога почна да живееш со Сладе.

Има уште многу „како да го заборавиме…”, драги Пепо… и токму затоа ти не си изчезнат за мене и за сите оние на кои им беше навистина добар и близок другар… ти, драг мој Пепи, само талкаш низ нашиот изгубен град… и тука си негде околу нас…. со нас…

Нема збогум…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...