Нема замена за Мизрахи, Шкријељ ќе раководи со труд и социјала до избори

Заменик-министерка Санела Шкријељ ќе го води МТСП до изборите, а до формирање на нова Влада со ресорот ќе раководи заменик-министерот Ѓонул Бајрактар.

2245

ВМРО-ДПМНЕ не предложи ново лице за министерското столче во Министерството за труд и социјална политика до распуштањето на Собранието. Дека нема да има замена на техничката министерка Рашела Мизрахи, синоќа потврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски.

Тој рече дека Мизрахи била разрешена бидејќи го открила протизаконското работење на нејзината претходничка Мила Царовска.

–  Тоа беше една процедура во која слугата на Заев, Оливер Спасовски, на начин на кој ги прекрши сите закони и политички договори, се обиде да го затскрие моментот кога јавноста, а и пратениците слушаа како всушност Зоран Заев го советувал Бојан Јовановски, како објаснува дека знаел за делувањето на Меѓународниот сојуз и ја помагал работата на телевизијата. Сето тоа се обиде да го сокрие со смената на најдобриот министер во Владата Рашела Мизрахи. Ние тој чин не го признаваме и немаме намера да бидеме дел од оваа игра на која основен сценарист е Зоран Заев, а извршител Сапсовски – рече Мицковски.

Мизрахи беше разрешена од Собранието, по барање на премиерот Оливер Спасовски бидејќи не го почитувала уставот.

Спасовски и вчера кога се одржуваше последната седница на Собранието упати јавен апел до опозицијата да предложи наследник за Мизрахи.

Заменик-министерка Санела Шкријељ ќе го води МТСП до изборите, а до формирање на нова Влада со ресорот ќе раководи заменик-министерот Ѓонул Бајрактар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...