Нема регистриран случај на западнонилска треска во Македонија. Институтот за јавно здравје на Република Македонија располага со сите потребни дијагностички процедури, експертиза, реагенси и се што е потребно за дијагностика и конфирмација на ова заболување.
Ова денеска го изјавија д-р Илир Демири, член на Комисијата за заразни болести и д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.
– На Клиниката за инфективни болести нема пациенти хоспитализирани со западнонилска треска. И при амбулантските прегледи не е регистриан болен. Инфекцијата најчесто поминува без појава на симптоми и потешкотии. Дури 80 проценти од инфекциите со овој вирус кај човекот се без симптоми, а преостанатиот процент најчесто се манифестира преку благи форми, со симптоми слични на грип, кои поминуваат за три до шест дена – рече Демири.
Тој додаде дека многу ретко ова заболување знае да даде потешка форма која се манифестира со менингит, енцефалит… и тие болни се предмет на инвестигација и хоспитализација на Клиниката за инфективни болести. Според него, превенцијата би била да се минимизира можноста од каснување од комарци.
Д-р Кузмановска рече дека во почетната фаза на заболувањето симптомите се главоболка, висока температура, треска, малаксаност и дека потребно е да поминат неколку дена за да се издеференцира сликата.
– До овој момент нема регистриран случај на западнонилска треска и покрај тоа што во соседството има вакви случаи и се зголемува нивниот број. Во април се почнати првите лавицидни прскања односно уништување на ларвите на комарците. Меѓутоа, опасноста е секогаш реална со оглед на тоа што комарците не можете да ги затворите и тие не се концентрирани на едно место. Само еден отсто од сите кои на некој начин ќе бидат инфицирани со вирусот на западнонилска треска ќе развијат тешки форми -истакна Кузмановска.