Нема докази дека Мијалков влијаел врз ДИК, се бара ослободителна пресуда

447

Адвокатот Миле Петровски, бранител на обвинетиот Сашо Мијалков, во денешниот завршен збор на судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2“, побара да се донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент бидејќи, како што рече, не постои ниту еден доказ дека тој презел било какво дејство или го сторил кривичното дело што му се става на товар.

– Не постои доказ за какво било барање или извршено влијание од Сашо Мијалков врз Мендух Тачи, како резултат на што противзаконито е стекнато право за натамошно учество на кандидатот Васил Пишев на изборите во Струмица – истакна Петровски.

Тој посочи дека обврска на тој што го поднел обвинението е да даде доказ дека Мијалков искористил реално влијание врз Мендух Тачи и примил награда за таквото влијание.

– Тоа е неоснована и непотврдена претпоставка. Елемент без чие постоење ниту е можно да се поднесе обвинение, а не да му се суди, нагласи Петровски.

Тој нагласи дека одлуката на ДИК за која се вели дека е незаконита е колективна одлука и потврдена од второстепен орган.

Бранителот Љупчо Шврговски рече дека целото обвинение се насочува врз основа на еден аудио материјал, за кој, како што рече, е противзаконски набавен.

– Пресудата не може да се заснова само врз основа на исказ на загрозен сведок. Одбраната основано смета дека пресуда не може да се темели само врз база на аудио снимка и да се користи како основен доказ – истакна Шврговски.

Според обвинителниот акт, Сашо Мијалков го искористил своето реално влијание и по телефон побарал од Мендух Тачи да влијае врз членот од неговата политичка партија во ДИК да гласа за носење одлука во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ по приговор за гласањето на избирачкото место 1.727 во Струмица, со што кандидатот Васил Пишев се стекнал со противзаконито право за понатамошно учество на изборите.

Во „Титаник 2“ обвинети се и неколку поранешни членови на ДИК. Меѓу нив е и поранешната членка на ДИК, Анета Стефановска. Таа, според нејзиниот адвокат, Владимир Пажиќ, не сторила никакво кривично дело ниту презела дејствие кое и се става на товар.

– Не може странка во постапката, а тоа во случајов е СЈО, да каже како гласале или дали некоја одлука е исправна или не. Арбитер меѓу странките во конкретниов случај за ДИК е надлежен судот – рече адвокатот Пажиќ.

Тој посочи на одредба од ЗКП која бара сторител да злоупотреби службена положба,  за која во обвинението во овој случај, како што рече, не е наведено која законска одредба Стефановска ја повредила. Според него, и доказите покажале дека обвинетата постапила според надлежностите кои ги имала како член на ДИК.

Пажиќ побара ослободителна пресуда за Стефановска.

Обвинетата Стефановска во завршните зборови рече дека таа како член на ДИК од 2012 до 2016 учествувала на повеќе избори и досега немала никаква грешка и сите функции ги извршувала чесно и професионално. Таа се праша зошто е во судот и рече дека не се чуствува виновна.

– Како член на ДИК, тврдам дека мене никој не ми сугерирал како да гласам – рече Стефановска и додаде дека гласала по свое лично убедување.

Стефановска се расплака и рече дека обвинението влијаело врз нејзиното здравје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...