Имунитетите на двајцата пратеници Трајко Вељаноски и Љупчо Димовски преживеаа во Собранието, а обвинителството во оваа фаза од истрагата нема повторно да бара притвор или други мерки како што е одземање на пасошите, за што исто така е потребно одземање на имунитетите.
– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе ја продолжи истражната постапка против лицата за кои покажувате интерес. Во овој момент обвинителството нема да бара други мерки за обезбедување на присуство за лицата – одговорија од обвинителството за Плусинфо.
Претседстелот на Кривичниот суд во Скопје, Иван Џолев, до каде обвинителството ги поднесе предлозите за пртивор, пред два дена изјави дека судот досега немал пракса два пати да бара одземање на имунитет од Собранието.
– Колку што ми е мене познато во пракса повторни барања не сме испраќале. Но ќе седнеме сите судии заедно, ќе го прочитаме и ќе видиме кои се следните чекори што ќе ги преземеме – рече Џолев.
Вељаноски е осомничен во новата истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција која се однесува на организаторите на “27 април” и се терети за делото загрозување на устсвниот поредок и безбедноста.
Притвор за него се бараше поради опасноста од бегство и за влијание на сведоци. Во оваа истрага осомничени се и ексминистрите Спиро Ристовски, кој се наоѓа во Шутка, и Миле Јанакиески кој е во куќен притвор.
Осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија и ексразузнавачот Никола Бошковски кој доби азил во Грција. Пратеникот Димовски, пак, со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.