Нема да се активира условната пресуда на градоначалникот на Ново Село

829

Кривичиот совет при Основниот суд во Струмица го одби барањето на ОЈО Струмица градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев да се упати на издржување казна затвор од две години за кривично дело за кое бил осуден во 2015 година.

Како што информираат од струмичкиот Суд, барањето е отфрлено како недозволено, бидејќи не постоела посебна постапка за отповикување на ново дело. Тоа можело да се направи само за време на постапката која се водела против него за кривичното дело обид за шверц на цигари.

Градоначалникот на Ново Село е осуден за кривично дело „проневера во службата“ сторено во 2010 година. Во 2015 година бил осуден на условна затворска казна од две години, доколку не повтори дело во наредните четири години. За стореното кривично дело условната казна истекува на 30 април следната година.

Боро Стојчев 10 јули годинава беше фатен во обид за шверц на цигари. За ова кривично дело Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор во траење од 18 месеци, По жалбата на одбраната Апелацискиот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор.

Пред неколку денови досегашниот градоначалник на Ново Село поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

На одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд во Струмица, Основното јавно обвинителство има право на жалба до Апелацискиот суд во Штип во рок од три дена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...