Со измените на Деталниот урбанистички план Градски четврт И 04 – Даре Џамбаз, што Општина Центар ги усвои во вторникот, се дислоцира предвидената катна гаража и се зачувуваат постоечките зелени јавни површини.
Катната гаража е дислоцирана на локација непосредно до булеварот „Македонија“, а е задржано и постоечкото детско игралиште меѓу трите станбени блока каде требаше да се гради паркинг.
Со новиот ДУП се брише и надградбата на постоечки објект кој се наоѓа меѓу двете најсеверни кули во комплексот градби долж улицата „11 Октомври“ што значи дека сите објекти се задржуваат во постојната состојба.
Се задржува и обврската за инвеститорите да обезбедат доволно паркинг места во рамки на парцелата каде градат.
– Обврската за инвеститорите, за паркирање во сопствена парцела која се имплементираше и во претходните ревидирани ДУП-ови, се имплементира и во ДУП Градска четврт И 04 – Даре Џамбаз. Така, услов за реализација на единствениот планиран објект со намена домување во станбени згради во овој ДУП, е обезбедување на потребниот број паркинг места во рамките на градежната парцела, за разлика од претходниот план каде беше дозволено паркирање во планираната катна гаража – појаснуваат од Општина Центар.
Според градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, од усвојувањето на првиот ДУП по мораториумот, паркирањето во рамки на сопствена парцела станува обврска на секој иден инвеститор.
– Наша цел е и државното земјиште, кое согласно претходните ДУП-ови било планирано за изградба на објекти, да го пренамениме во јавни површини од интерес на граѓаните. Од првиот момент, од воведувањето на мораториумот, при носење на ревидираните ДУП-ови се стремиме да ги запазиме параметрите на урбано и хумано домување, да направиме планови кои ќе обезбедат непречено струење на воздухот и доволно природна светлина помеѓу објектите. Со имплементирање на сѐ ова, во целост ќе се потврди оправданоста на мораториумот – изјави денеска Богдановиќ.
Вкупната површина на планскиот опфат изнесува 7,85 хектари.