Нема да ви помине!

Нивната кандидатка нема право да говори за правда како експонент на партија што донесе само неправда, а уште помалку затоа што не се натпреварува на парламентарни избори, туку на претседателски. Во кампања што ја плаќаат сите граѓанки и граѓани!

1695

Немаат право да присвојуваат нешто што не е нивно. Немаат право да користат слогани и симболи што се карактеристични за левичарските движења и идеи, а сакаат да го освојат тронот во име на националистичката десница. Нивната кандидатка нема право да говори за правда како експонент на партија што донесе само неправда, а уште помалку затоа што не се натпреварува на парламентарни избори, туку на претседателски. Во кампања што ја плаќаат сите граѓанки и граѓани!

За јогата, немам намера да коментирам. Кога ја видов поканата за јога, се изнасмеав и ја дисквалификував како лажна вест. Само, утринава побарав од колешките и колегите да ме поддржат во осудата на хакирањето на нејзината Фејсбук страница, за да бидеме докрај принципиелни. Ме дочекаа со смеење и ми кажаа дека навистина се организира кандидатски јога настан. После и јас се смеев. Ако, си реков, јога можеби им е потребна на сите нив.

Но, тоа што најмногу ме налути е злоупотребата на Шарените за кампањата. Го изгледав видео спотот и не можев да си верувам на очите. Како граѓанин и како активист, се чувствувам навреден поради оваа тешка кражба и злоупотреба! Не можам да дозволам тие, против чие дивеење протестирав со години, да ги користат боите, слоганите и пораките што токму против нив ги извикувавме. За која бре правда можат да зборуваат овие?! Каков е овој апсурд?! Кој нормален може да го прифати ова дрско присвојување и бесрамна кражба?!

Секој од нас поединечно и сите ние заедно можеме да бидеме незадоволни и од оваа и од било која друга власт. И што е најважно, поседуваме кредибилитет да упатиме гласен протест против политиките и на оваа и на секоја друга влада. Но, не и тие! Сѐ што можат тие да направат е да одговараат за сите злосторства. Може власта да ги амнестира и да им простува колку што сака, во име на „големата слика“ и во име на политиката… Тука ми доаѓа да го употребам и кафанското име на политиката, но ќе се воздржам… Единствено ќе кажам дека сакам да се помириме сите во оваа наша заедничка, македонска земја, но не и да му простиме на криминалот. Тоа не е простување, не е помирување, туку предавство.

Тоа што може овие дрски апаши да го направат, кога веќе се амнестирани, е да направат кампања што ќе се залага за анти-вредностите што ги практикуваат и ништо повеќе – национализам, изолационизам, суров и неправеден капитализам, насилство и безумие. Тоа, не е проблем, ќе го уважам. Па, има такви кампањи по светов и добиваат значајна поддршка. Зошто не се искрени, по ѓаволите?! Изгледа поставив наивно прашање, а?

Тоа што сакам да го видам е да ги тргнат своите валкани раце од придобивките на граѓанскиот отпор, од протестите против нив, од Шарената, од #Протестирам / #Protestoj, Стоп за полициската бруталност, од пленумите… Нека се држат до контра пленумите и контра протестите, тие се нивни. Нека се држат до Црниот понеделник во 2012 година, до теророт на 27 април 2017 година, до затворањето на ТВА1 и три дневни весници во една ноќ, до Скопје 2014, до апсењето на десетина млади Паркобрани во 3 часот наутро со полициска единица од 200 специјалци, до суровото тепање по улици и библиотеки, до кражбата на милијарди евра, до апсењата и судските прогони на неистомислениците, до тортурата по затворите и полициските станици… Нека се држат до газењето на достоинството и човековите права и слободи, нека се пофалат со уништувањето на генерации млади и нивното иселување што не запира и нема да запре… Нека се држат до национализмот, омразата, лагите и насилството. Можеби звучи контрадикторно, но тоа ќе биде, барем до некаде, чесно…

Нека не ми ја чепкаат „Нема правда – нема мир!“ Немаат право на тоа, затоа што се однесува на нив, а се разбира и не само на нив, туку на секоја структура што не ги исполнува ветувањата и не работи вредно и посветено на враќањето на демократијата и почитувањето на човековите права.

Па кога велиме дека оваа власт не донесе правда, тоа се однесува токму на нив, по ѓаволите! Токму тие се причината поради која оваа власт не покажа успех во враќањето на владеењето на правото, затоа што калкулира со нивната поддршка во парламентот и во многу други области на политиката и… бизнисот…

„Нема правда – нема мир!“ ќе ечи и во иднина, но не од нивните усни, бидејќи тие засекогаш го изгубија кредибилитетот, затоа што ја уништија сопствената шанса да ѝ донесат нешто добро на оваа наша земја. Затоа, еве им уште еден слоган и ним и на сите што мислат дека можат да си играат со спомените, придобивките и правата, слоган за минатото, сегашноста и иднината: Нема да ви помине!

Нема правда, нема мир!

ПС. Овој рафал, како и секогаш, е мое лично мислење и јас лично одговарам за моето пишување, без импликација на моите професионални ангажмани или функции. Ви благодарам за поддршката и довербата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...