Многумина од оние кои гласаа за промени и за уривање на диктатурата на Груевски, во последно време, се нервозни од работата на новата Влада. Велат, очекувале многу побрзо да се сменат работите кои ги притискаа во изминатите десет години кога на власт беше ВМРО. Разочарани се посебно од истите работи што ги правеа нивните претходници. Злоупотреби на службената положба, неправилни тендери, обиди за криминали, вработување само на свои членови и покрај тоа што истите не ги исполнуваат условите. А најмногу велат, се разочарани, од спорото изведување пред Законот на правдата на сите оние кои не само што украдоа милиони за себе туку што ја задолжија Македонија до гуша. И внуците и правнуците да плаќаат и да не можат да го платат борчот. Отворено велат дека во судовите воопшто ништо не е изменето.
Судиите и понатаму си тераат по „наредба“ на груевистите, кои се на раководни места. До сега ниту еден судија не што не е сменет туку против никого не е покренато какво било обвинение за бројните „нарачани“ судски пресуди во кое со еден аршин мереа кон едни, а со друг кон други. И сега тераат по старо. Ако некој за сто кебапи беше осуден на три години, како може градоначалници кои не платиле милиони за превоз на ученици и за триста други работи, да поминат само со опомена?
Ништо не е подобра состојбата и во обвинителствата. Старите сѐ уште си седат на фотељите и си ја „пејат“ старата песна. Сменети се некои во Основните јавни обвинителства, но ниту еден не е земен на одговорност. И полошо од ова. Сменетите ги заменија само фотељите, но, никој не им рече сите пријави, односно сите „валкани“ работи, што десет години ги правеа со челниците на ВМРО или ДУИ, да не ги земат со себе.
„Трпение“, велат „одозгора“. Сѐ во свое време. Никој нема да биде заборавен што крадел и правел зло. Сите ќе си поднесат сметка! Така ни велат, но ни е криво како тие што десет години наместо демократија спроведуваа груевизам и понатаму се „кокорават“. Како да се на власт. Тоа не може. Тие мора да отидат во заборав, да не постојат!, велат членови на СДСМ.
Реагираат и членовите на СДСМ, а и онаа голема група на неутралните кои застанаа зад промените, за понатамошното „шпионирање“. Имено, јавна тајна е како веднаш, „верните“ работници, кои останаа незаменети и тоа на високи функции, да му јават на ВМРО, за сѐ што се случува во Владата, министерствата, судовите, општините и каде ли не. За тендерите во Министерството за здравство, за случаите во градинките или за службеното возило на кое заминало за Грција со ќерката на висок функционер, ВМРО веднаш „разбра“ и како „петел на туѓо буњиште“ грлато ја нападна Владата барајќи оставки. А Обвинителството, одма се зафати со работа. Тоа е добро. Вистината мора да излезе на виделина. Но народот отворено вели каде беше тоа обвинителство во изминатите десет години!?
Верните членови на СДСМ најреволтирани, како што велат, се за уцените од ВМРО. За референдумот, за Преспанскиот договор, кои го поздравија најголемите сили и кои рекоа дека тој е единствениот пат Македонија да излезе од црниот тунел и да се приклучи кон европското семејство, ВМРО барала амнестија за „нивните врвни арамии“. Демек за крадење пари да не бидат обвинети и да не одат во Шутка или Идризово! Срамота е, велат, за криминал, да бараш слобода. За возврат ВМРО ќе го поддржела референдумот. Членовите на СДСМ отворено велат:
„Секој што направил криминал треба да одговара, а ако ВМРО не сака да оди или не сака да го поддржи референдумот тоа е негова работа. СДСМ, со своите верни членови, сам ќе оди и ќе го обезбеди потребениот број гласови со кои Македонија ќе може да влезе во НАТО и ЕУ“!