Нема датум за преговори со ЕУ, сори

5199

После општиот шок од одлуката (донесена без дискусија!) на Врховниот суд за СЈО – некои слават, други тажат, но има и неколку видни коментатори кои се прават на удрени со мокра чорапа – отприлика доаѓаме до следново: Без разлика што одлучил Врховниот суд (а одлучил, светски уникатно, криминал, за кој има и докази, да не се гони!), речиси сите угледни правни експерти се согласуваат дека овој Суд нема право да се впушти во толкување на Законот за СЈО, бидејќи тоа не им е во законскиот опис на работата.

Според „позитивните прописи“ во македонскиот правен систем, тоа право на мериторно, автентично толкување на законите го има единствено оној што ги носи – Собранието на Република (Северна) Македонија.

Е, па, ако е така, зошто нашето Собрание, за да го сопре ова општо правно-политичко „крварење“, веднаш не покрене таква иницијатива?

Да појаснам: СДСМ, како баба-нарикача, се колне во правната држава и „светоста“ на СЈО; Мицкоски откако е дојден на власт ги проколнува криминалците од ВМРО-ДПМНЕ, сите под удар на СЈО, кои предавнички поминале кај „црнилата“ на Заев, на таа пропаганда дури и ја темели својата внатрепартиска „преродба“; ДУИ се заканува со тужби за да си го заштити кривично-правниот углед наспроти општото уверување кај целата јавност дека се една ноторна криминализирана структура преправена во политичка партија; повеќе пратеници од Шарената револуција веројатно памтат дека многу месеци од демонстрациите за рушење на режимот на Грујо секој ден ги започнувавме од зградата на СЈО – од таму е и слоганот „Нема правда, нема мир!“; разно-разни други пратеници од помалите партии ни ги осушија ушите од заложбите за правда и правдина…

Јас во сите нив, кога би сакале, гледам лесно составување на двотретинско мнозинство – со колкаво мнозинство и беше донесен Законот на СЈО – за изгласување на конечно автентично толкување на Законот. Бујрум, што чекате, еве ви шанса, со еден потег, за бетонирање на ингеренциите и правото на СЈО до крај да ги изгони криминалите од прислушуваните телефонски разговори! Па да видиме кој ќе биде во собраниската сала и како ќе гласа…

Се разбира дека ништо од ова нема да се случи. Сите си молчат, како млади невести. Дури НИКОЈ нема ни обична партиска реакција, ни соопштение, ни бутур, на одлуката на Врховниот суд. Зошто?

Па, бидејќи, буквално, на сите им одговара СЈО, фактички, да ја згасне својата работа. Ами-шознам-ами-незнам… Што беше – беше, одиме понатаму во посветлата иднина!

Со тоа – ipso facto, што би рекле правниците – се докажува дека се работи за општа партиска конспирација зад одлуката на Врховниот суд. Ај рест мај кејс!

Но, тука не завршува нашата муфљуска морално-политичка судбина…

Од високи европски дипломатски кругови слушам дека Македонија, со ова, најверојатно (ова „најверојатно“ го толкувам како чиста дипломатска куртоазија) си ги затвора шансите за добивање на датум за отпочнување преговори со ЕУ. Брисел уста не затвори за важноста на воспоставувањето на правната држава во Македонија, особено по успехот на Преспанскиот договор, за што „проголтаа“ и амнестии и „помирувања“… „Овој ваш автогол со кој го погребавте Поглавјето 23 за преговори – велат овие дипломатски извори – е добредојден кај оние кои и така, од разни причини, имаат резерва во продолжување на процесот за проширување на Унијата.“

Затоа, заборавете го Врховниот суд, Јово Вангеловски и екипата се апсолвирана приказна  – македонскиот правно-политикантски канцер е политички, од истите структури кои со години ги „дриблаат“ нашите животи.

Честитам, тукушто ни забија гол меѓу нозе!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...