Постојат реални шанси на мајскиот Самит на ЕУ во Загреб да ѝ биде доделен датум за преговори на Македонија, но тоа ќе се случи само доколку сегашниот состав на македонското Собрание го изгласа Законот за јавно обвинителство најдоцна во февруари.
Ова, меѓу редови, вчера го порача еврокомесарот Оливер Вархеји, кој истакна дека веќе разговарал со француските власти околу нивните услови и дека се надева оти наскоро ќе биде донесена позитивна одлука за нашата земја.
– Приоритет треба да му се даде на новиот Закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе може да биде направено од страна на ова Собрание, односно пред неговото распуштање во пресрет на изборите. Тоа ќе биде добар знак упатен до нашите земји-членки – истакна Вархеји.
Рокот до кога би требало да се донесе Законот за јавно обвинителство истекува во февруари годинава затоа што планирано е Европската комисија (ЕК) тогаш да го објави мини-извештајот за реформскиот напредок во Македонија и во Албанија. Тоа значи дека врз основа на тој извештај, земјите-членки на ЕУ во март ќе донесат конечна одлука дали Скопје и Тирана ќе станат дел од европското семејство.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Плусинфо тврди дека воопшто не треба да се плашиме од вчерашната порака на еврокомесарот Вархеји, бидејќи, како што вели, сè уште има можност актуелниот парламентарен состав по брза постапка да го изгласа Законот за јавно обвинителство.
– Постои можност за напредок. Ако пораката од меѓународната заедница е унифицирана кон сите политички партии во земјава, тогаш е лесно да се предвиди дека пратениците наскоро ќе седнат на иста маса и дека ќе ја завршат работата. Од друга страна, Законот за обвинителство сега е беспредметен, бидејќи предметите продолжија да си течат. Впрочем, главната причина поради која што опозициската ВМРО-ДПМНЕ долго време го кочеше процесот на носење на овој Закон беше да се стопираат предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Сега и таа причина веќе не игра улога, затоа што предметите не се стопирани. Па така, јас сум убеден дека условот што ни го наметнува Европа ќе биде исполнет до февруари, бидејќи земјава не смее да си дозволи да ја прокоцка и оваа шанса – објаснува Арсовски.
И францускиот амбасадор Кристијан Тимоние неодамна испрати јасна порака дека Законот за обвинителство е еден од клучните услови за добивање датум, а истото го кажа и американската амбасадорка Кејт Мари Брнс, која потенцираше дека новиот закон е суштествен за да се покаже национална посветеност во борбата против корупцијата.
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski