Нема веќе да се полага за директор на болница, се укинуваат лихварските договори на специјализантите

416

Значајни измени со кои се менуваат условите во кои работат докторите и се отстрануваат сите пречки на докторската фела за кои се алармираше со години, се содржани во Законот за здравствена заштита, што вчера беше усвоен на собраниска седница. Станува збор за измени кои докторите ги бараа со години.

Ова денеска на прес-конференција во Владата го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека работеле со сите засегнати страни за да најдат најсоодветни решенија и тие веќе се реалност.

– Се укинуваат т.н. лихварски договори на специјализантите. Досега доколку специјализантот ја напуштеше јавната здравствена установа требаше да плати пет или десеткратен износ на сумата која државата ја вложила во неговата едукација во износ од 10.000 до 12.000 евра. Досега специјализантите требаа да платат и до 120.000 евра. Се менува и времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од порано кога беше двапати повеќе, сега е во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата – рече Филипче.

Тој посочи дека значајна новина на барање на сите лекари специјалисти од јавните здравствени установи е и воведувањето дополнителна работа. Досегашното наплатување за услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно, односно зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и за неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник.

– Со оваа измена во Законот секој кој редовно плаќа осигурување во Фондот за здравствено осигурување ќе може да избере тим кој ќе го лекува. Оваа мерка е значајна стимулација за врвните експерти со што точно ќе се разграничи нивото на квалитетна експертиза и ќе биде можност за дополнителна заработка на сите кои работат во јавното здравство. Во тимот учествуваат медицински сестри, болничари, технички и административен персонал – истакна Филипче.

Со измените на Законот се дозволува лекари специјалисти да може да работат во здравствени домови или болници каде што има недостиг, рече ресорниот министер и додаде дека со оваа измена се олеснува пристапот на пациентите до одредена услуга и наместо тие да патуваат до регионалните болници, сега тие специјалисти по систем на ротација и по распоред кој ќе го направи матичната установа, ќе даваат здравствени услуги во помалите здравствени домови.

Филипче нагласи дека важна измена е дека кадарот што е во пензија порано немаше можност да дава консултативни прегледи во своето место на живеалиште, а со измените го нема ова ограничување. На здравствените работници со високо образование кои се корисници на пензија им се овозможува да можат да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници независно од местото на живеење.

– Менаџерскиот испит не ги даде посакуваните резултати и со усвоените дополнувања се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на полагањето испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор – додаде Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...