Собранието денеска во рамки на продолжението на 60. седница со само осум гласови „за“ и 60 „против“ не ја усвои одлуката за формирање анкетна комисија за испитување на референдумот од 30 септември 2018 година.
Пратениците претходно ја избраа Розалита Дојчиновска за член на Државниот совет за превенција на детско претстапништво.
Собранието не се изјасни по 24 точка, иако расправата за неа е завршена. Како што кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери по Дополнетиот предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште во второ читање, се потребни дополнителни консултации.
Пратениците го усвоија Предлог-законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминатна сопственост на државата, во скратена постапка, предложен од група пратеници.
Пратеничката Јагода Шахпаска од СДСМ, која е еден од предлагачите во образложението на законското решение напомена дека ова е закон со кој се регулираат правата на стечајните работници.
Таа потсети дека ова прашање со законско решение е направено обид да се реши во 2007 година, предложено од СДСМ, но тогаш било одбиено, за потоа во 2008 година да биде донесен закон како предизборно ветување, со што беше усвоен првиот закон за стечајците, со кој 2.481 се стекнале со право на материјален надомест. Таа напомена дека и вториот обид за зголемување на опфатот на стечајните работници во 2013, повторно инициран од СДСМ бил одбиен од ВМРО-ДПМНЕ, за потоа, како што посочи, во 2014 година предизборно да биде донесена измена на првичниот закон, со што на право на материјален надомест се стекнаа дополнителни 1.673 граѓани.
По доаѓањето на власт на сегашната Влада, во септември 2017 година беше усвоен закон за материјално обезбедсување на невработените лица кои останале без работа во претпријатија со доминатна државна сопственост. Во текот на имплементацијата на ова законско решение 2.723 работници оствариле право на стечај, но било констатирано дека усвоеното законско решение има недостатоци.
-Оттука во февруари се пристапи кон дополнување на законот со цел да се прошири опфатот на работниците стечајци кои ќе можат да го остварат ова право. Збирно со овие две измени заклучно со 21 август 6.498 стечајни работници во период од нецела година оствариле право на материјален надоместопк – рече Шахпаска, но додаде дека се уште има голем број стечајни работници кои не можат да го остарат ова право, поради што Министерството за труд и социјална политика подготвило законско решение за измена, кое ги поминало сите процедури, но не беше изгласано поради референдумот.
-Поради тоа ние како пратеници подготвивме нов закон, според кој невработени лица кои имаат право на материјален надомест се следните: лица кои биле најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна државна сопственост, што се поврзува од М1 и М2 образци, лица на кои работниот однос им престанал врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок во претпријатието со доминантна сопстеност на државата, кои се приватизирале но задржале својот единствен матичен број согласно со закон, лица кои на денот на поднесување на барањето имаат 52 години за жени и 55 години за мажи, лица на кои работниот однос им завршил до 30 јуни 2017 и лица кои оствариле право на паричен надомест од 1 јануари 1995 година. Се отстранува условот за лица кои по стекнување на право за материјален надомест биле вработени на неопределено време, а работниот однос им престанал или по одлука на работодавецот или по нивна одлука и вина, за да не бидат пречка стечајните работници да го остварат правото за материјален надомест – појасни таа.
Шахпаска нагласи дека законот ќе важи до 31 декември оваа година. Граѓаните дотогаш може да поднесуваат барања и на тој начин за секој стечаен работник се предвидуваат 8.953 денари, за што од буџетот се предвидени околу 171 милион денари.
Пратениците попладнево во рамки на 60 седница ги усвоија и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државна статистика, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор по скратена постапка. Донесени се и Предлог на закон за дополнување на Законот за аудиовизуелни добра, Предлог на закон за изменување на Законот за Академијата на наставниците.
Во второ читање донесени Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за судска служба, Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурувањето, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиската полиција, Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот ХЕ Бошков мост, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и АД ЕЛЕМ.
Пратениците во второ читање ги донесоа и Предлог на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип, како и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата.
Поради немање кворум спикерот Џафери ја прекина седницата и кажа дека дополнително ќе ја закаже.