Од министерот за култура Асаф Адеми зависи дали по изборите на 5 мај ќе се повлече од функцијата, но тоа не значи дека ресорот култура ќе оди кај СДСМ или друг владин партнер, вели за Плусинфо висок функционер од Алтернатива по информацијата дека се спрема смена на Адеми.
– Адеми поради здравствени причини зеде одмор и десеттина дена не одеше на работа. Од него ќе зависи дали ќе ја напушти функцијата. Нула се шансите за тоа да се случи. Но Адеми, дури и да реши да се повлече, тоа е внатрешно, наше, а не владино прашање, односно ресорот култура останува на Алтернатива – вели функционерот.
Според него, досега ниту министрите, ниту премиерот Зоран Заев не се пожалиле на работата на Адеми.
– Напротив и во владата и во партијата Адеми има 100 отсто поддршка во извршувањето на функцијата – вели функционерот од Алтернатива.
Од партијата велат дека Заев досега не разговарал ни со Адеми, ни со владиниот партнер, лидерот на Алтернатива Африм Гаши за смена на Адеми.
Од партијата брифираат дека Адеми денеска се вратил на работа и дека имал работни средби.
Според телевизијата Телма, неофицијално, три имиња се во игра кај СДСМ за наследник на Адеми и тоа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски, советничката на Заев, Цветанка Ласкова и министерот за дијаспора Едмонд Адеми. СДСМ бил многу задоволен од реформите кои Џаферовски ги спровел во Дирекцијата за заштита и спасување и се надева дека тој може да спроведе брзи и ефикасни реформи и во ресорот култура.
Во интервју за Плусинфо, неодамна лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на прашањето дали потфрлил со предлогот Адеми да биде министер за култура поради скандалот со распределбата на парите во тој ресор, рече дека тој е најдобриот министер и треба да биде модел за идните министри во владата на Северна Македонија.
– Кога сме кај министерот за култура Асаф Адеми, тој за мене е најдобар министер во Владата. Работи чесно, законски, не прави никакви разлики во однос на етничка, религиозна, партиска или социјална припадност. Се бори против корупцијата и криминалот, а во тој ресор воспостави ред и дисциплина. Тој е најдобрата метафора на успешен министер во една влада каква што ние ја замислуваме и посакуваме. Да не зборуваме дека тој е единствениот, кој со нула трошоци го води Министерството, со што стана единствен пример во досегашната практика на министерување во нашата држава. Затоа јас се гордеам со него и сакам тој да биде модел за идните министри во владата на Северна Македонија – рече Гаши.