Немаме идеи, не знаеме, ама затоа имаме „памет“ за продавање

Во Македонија малку размислуваме и разговараме за идеи и со неподнослива леснотија, карактеристична за медиокритетите, ги обесхрабруваме и ги понижуваме дури луѓето што го прават тоа. Ете, затоа не ни оди. Затоа не знаеме паметно да ги потрошиме дури и парите што ги имаме.

5005

Ми ја грабна мислата нашиот колумнист Ненад Јовановиќ, кога пред некој ден напиша: „Сега владата да се искулира, да земе длабоко воздух и да курдиса да ја уредува својата куќа. Доста беа свадби, пози и ‘висока политика’. Ова е ужасно пропадната земја, со премногу несреќни луѓе. Не се живее од впечатоци и ‘гивми-фајв’ политики. Мислам дека е фер“.

Фер е. На владата на Заев нема да ѝ недостасува поддршката од разумните луѓе да ги турка процесите на јакнење на меѓународна позиција на Македонија (вклучувајќи ја тука и поддршката за најновиот договор со Грците), но таа треба да сфати дека Македонија навистина е земја со огромни проблеми што бараат итно решавање.

Во еуфоријата на занимавањето со „висока политика“, ние како да заборавивме на тажниот факт дека дури и буџетските пари предвидени за капитални инвестиции во првите четири месеци од годината (околу 400 милиони евра) се потрошени одвај 11 отсто. Згора на ова, секоја година ни пропаѓаат милиони евра од претпристапните фондови на Европската Унија. А како да дојде животот, ако не се инвестира, ако не се отвораат работни места, ако не се произведува и ако не се заработува? Со натамошно трупање партиски кадри и „шарени револуционери“ во администрацијата?

Читам анализи за тоа зошто не можеме да ги потрошиме дури ни парите што ги имаме, а камоли да размислуваме за трошење пари што ги немаме. Економистите велат дека немаме доволно способна администрација за менаџирање капитални инвестиции, немаме добри проекти, немаме физибилити студии, немаме добри бизнис-планови… Со еден збор кажано, немаме идеи. А зошто немаме? Затоа што државата, општините, па дури и голем дел од фирмите, ни ги водат мали или просечни луѓе.

Малите луѓе, како што вели мудрецот, зборуваат за другите луѓе, просечните луѓе за настаните, а големите луѓе расправаат за идеи. Всушност, освен ретките генијалци, луѓето не се раѓаат големи, тие растат за да станат такви. Вистински ќе пораснат во големи луѓе само тие што посветено трагаат по добри идеи. А најдобриот начин да имаш добра идеја е да имаш многу идеи.

Заклучната премиса е јасна – во Македонија малку размислуваме и разговараме за идеи и со неподнослива леснотија, карактеристична за медиокритетите, ги обесхрабруваме и ги понижуваме дури луѓето што го прават тоа. Ете, затоа не ни оди. Кај нас сите, од портирите и секретарките во општините, преку градоначалниците, па сè до министрите и премиерот, сакаат да се занимаваат само со „висока политика“.

Ние сме мајстори за „контемплација“. За задлабочено размислување. За „морски“ теми. Сите сме паметњаковичи. Советници и консултанти. Вакви и онакви. А и зошто да не, кога добро се плаќа?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...