Некој овде, навистина е луд!

1662

Седнатите на ,,црната судска клупа”, обвинети за упадот во зградата на Македонскиот парламент, како главен аргумент за докажување на нивната невиност, го лансираат тврдењето дека тие се патриоти. И не било какви, туку ортодоксен бренд. Биле одбранбениот штит на државата, кои, на барикадите за нејзината опстојба, ја подметвувале својата глава. Која бричена, која брадосана. Но, сега тој моден факт и не е толку значаен. Меѓутоа, за таа возвишена патриотска цел, на штитот од нивната мускулатура, биле подготвени на националниот жртвеник да ги принесат, не своите, туку главите на други. И не било какви, туку со ореол, избрани, со партиско, или политичко педигре. Некој овде мора да е луд!

Кога ги слушам нивните патриотски тиради, запаѓам во некој ментален вакуум, во кој попусто може да се најде одговор, како, на пример јас, со мојата човечка просечност, со мојата ненаметлива и не баш впечатлива биографија, стоејќи покрај овие храбреци од судските клупи, од легијата на патриотите, ќе можам да ја оправдам мојата маленкост.
Како да се ослободам од чувството на инфериорност. Педесет години новинарски стаорец, кој изгрицкал многу тони хартија и илјадници индига, од кои, никаков ќар. Посебно од индигото, со кое само го удвојуваш своето професионално макотрпие, а, со него, да простите, ниту задник не може да избришете. Се вознесуваш дека нешто создаваш, твориш, градиш. Ораш со перото, барабар со тутунарите, со градинарите.
Патриотизам, со перо. Параноја. Чиста глупост. Попуст занес, виртуелна надеж. Не се гледа, не се џвака. Тој љубоморно се чува, се негува. Не се удира од гради!
Некој овде, очигледно е луд!

И ноќум ме изморува мислата – какви патриоти се Марко, Мирко или Андреа од Саса. Триста метри под земја. Ги преоруваат длабочините. Копаат руда и во мрачните окна ги закопуваат своите години. Дишат на шкрги. Искашлуваат црнила. Си ја колнат судбинската проклетија, а ниту збор погрден не изустуваат за татковината, на која душата и ја чувствуваат од внатре. Векот го минуваат во нејзината утроба. Во нејзините кратери И тие, каков апсурд, никако да израснат во патриоти. Да речеме, како оние улични силеџии, бараби, криминалци, апаши, кои на патриотизмот му дадоа некоја налудничава содржина, форма и боја
И што друго да речам, освен дека некој овде, очигледно е луд!

И би можеле да го проголтаме тој факт, доколку во оваа речиси незабележлива точка на планетава Земја, навистина само некој е луд. Ако тоа ментално порочие не успеа да израсне до степен на масовна зараза. Во исклучително дефектно поимање на париотизмот, кој, таков, каков што го промовираа некои партиски монструми и теоретичари со националистички предзнак, последниве три децении се изучува како национална дисциплина, главно, на катедрите во партиските кабинети и кафеанските биртии.
И замислете, тој дефектен артикл има своја висока пазарна вредност, од што посебно профитира онаа набилдана, сурова човечка маса од патриотското жабокречие, која се прпелка во теориите на екстремниот национализам, и продуцира ступидни критериуми за генетското, за етничкото, за националното.

Каква иронија. Какво малоумие. Нѐ навтаса време кога лудилото доби призвук на патриотизам!
Некој, овде, навистина е луд!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...