ДАЛИ КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ НА ОПШТЕСТВОТО? (8)
Не можете да изградите ништо, најмалку држава, ако имате неконзистентни политики. Ако една гарнитура влече на една страна, друга на спротивната, трета страна нема или дури нема ни страна. Или има, ама не се (по)кажува. Во таков случај, „производот“ е (најблаго речено) непостојан, дисонантен, дисконтинуитетен, често конфликтен. Кога пак, повторно, станува збор за држава и нејзините неконзистентни политики, тогаш „производот“ е она што ние го имаме денес, сведено на (повторно најблаго речено) – смешка! И тоа е она што, мислам, странците едноставно не можат да го разберат кај нас. Не дека различности, дури спротивставености нема и во политиките на другите држави („славната“ Унгарија, па една Австрија и тн.), ама ваков циркус сигурно не виделе.
Нивната „неконзистентност“ се сведува на промили, на милиметри, на нијанси во толкувањата на договорените генерални правци. А дури ни минималниве речиси се губат кога станува збор за генерални утврдени насоки на развојот на државата, на нејзината надворешна политика, безбедност, култура, образование, здравствени политики итн. Односно, нивната „неконзистентност“ подразбира само нагорна линија тоест доградба, надградба, усворшување на генералната цел. Назад, едноставно – нема, системот не дозволува. Кај нас токму спомнатите главни линии (надворешна политика, безбедност, култура, образование, здравствени политики …) се најголемата смешка, забава за народ, запрепастување за странците. Кај нас по правило говориме за дијаметрални спротивности, не за и/и туку за или/или: за Запад или Исток, за капитализам или социјализам, за уривање или градење, за кич или култура.
Згора на сѐ, почнавме тоа да го сфаќаме како вообичаено секојдневие, како нормалност, дури како предност!? Односно, неспособните нѐ убедија дека е нормално партиите да имаат дијаметрално различни гледишта за нештата, особено за иднината на државата – и народот, се разбира – и дека во рамките на спротивставените ставови (велат: „концепти“, а таму од концепт нема ни „к“) ќе се најде идеалното решение. Ма немој богати. Каде, и кога тоа се случило, и каде и кога тоа дало сериозни конструктивни а не поразителни деструктивни резултати? Е на тоа никој не одговара! Со такви поларизирани „политики“ не се гради ништо, најмалку држава. Поларизациите разградуваат, не градат!
И не мораме да одиме којзнае колку далеку: Скопје и неговиот развој во изминативе педесетина години се нагледен пример за неконзистентноста на државните политики. Вториот типичен пример е културата, се разбира. Ако пак почнеме да ги набројуваме и здравството и „политиките“ во него, па образованието … којзнае каде ќе стигнеме.
Но, еве го спомнувам Скопје заради многу причини, а особено зашто на неговиот пример е воочлив сиот наш провинциски менталитет, игнорантски однос кон светот, нашиот ситнокалкулантски видокруг, неспособноста да се согледат вистинските димензии на нештата во рамките на еден современ глобален поглед на светот. Постземјотресно Скопје требаше да биде светски модерен град, планиран според (во тоа време) футуристичката визија на еден голем стручњак. Но нашиот паланечки ум го претвори во селска метропола на кичот! Да беше она Скопје обмислено од некој локалец, наш човек, ќе речевме дека е вообичаено за нас да не си ги почитуваме локалните авторитети. Во стилот: како да не, тој ќе ни каже! Ама Кензо Танге и тогаш беше фигура од светски размери, но ние и од него направивме балкански партал. Дадените визии за градот ги претворивме во лични / групни шарлатански вежбички за негово упропастување. Секое дури и милиметарско отстапување, секое менување на генералната но и деталните идеи значеше постепено тонење во амбисот на провинцијализмот. И не мислам само оние неодамнешни идиотски дванаесет години на дефнитивното посељачување на градот и неговата капитулација пред криминалните и кич-планови на една „партија“. На тие години им претходеа други, и други, а изгледа ќе продолжат и во иднина. До крајот, веројатно, каков и да биде.
И ако можеме да упропастиме цел еден град, зошто не би можеле да упропастиме и цела една култура, односно зошто не би биле конзистентни во неконзистентноста? И тука, во културата, не можевме да се одлучиме што сакаме во 1992 година. Како впрочем и во целата држава. Да ја тераме и понатаму на социјалистичките шини, со делумна капитализација во одделни области? Или да вртиме нов лист? Ама кој ќе го напише, и како, и кој ќе го потпише? Иако, всушност, и тоа се покажа ирелевантно зашто се напишаа стотици страници што и како треба да се работи, каква е поставеноста на културата (барем) во Европа, каква културна политика и инфраструктура би била соодветна за една држава од наш „тип“ … и сѐ што се напиша, дури и се потврди на највисоки државни рамништа, се погази. Ништо, или само малку од тоа, беше реално спроведувано токму заради неконзистентноста во културните политики, заради нечии лични и групни/партиски интереси, заради „не таласај“ и „мир в куќи“ политиката и тн. Културата од темел стана шупелка на државата!
Секоја будала почна да дели совети, дури и да пишува налудничави закони какви што светот не видел: ќе сме се грижеле дури и за поединечниот интерес во културата, секој ќе бил уметник и слични идиотштини на приучени шарлатани. А македонската култура голташе – до задушување! И сега, не знае каде, ни како, па богами ни зошто. И повторно не мислам само на изминатите дванаесет години и извршениот државен културоцид. И денес имаме стратегии што не ги почитуваме, повторно имаме „умови“ кои со нивното незнаење и неспособност успешно ги доупропастуваат нештата, велиме дека имаме долгорочни определби барем во културата а всушност не почитуваме ниту една. Нашата конзистентна неконзистентност е вчудовидувачка. Некои дури и се гордеат со неа! Нашите стратегии и долгорочни планирања често не се жртви само на спротивставени неаргументирани „политики“, туку уште почесто и на неконсизстентноста во реализацијата од страна на самите планери. Што е запрепастувачко непочитување на сопствените ставови и декларации. И тоа сѐ уште никој не успеал да го објасни. Особено не токму оваа политичка гарнитура, која што дојде на власт преку бомбастични ама сега целосно неисполенети ветувања. Барем во културата! Иако, денес, објаснувања веќе и не се бараат. Некако свикнавме и на сопствената неспособност, неконзистентност, неажурност, аљкавост. И тоа е најстрашниот дел од македонското секојдневие! Добро, можеме и тоа да го припишеме (ама самко делумно) на блиското минато, како научена навика – иако не е, нели, знаеме добро дека и претходно не бевме цвеќе за мирисање – ама (и) лошите навики, како и лошите политики, треба да се напуштаат. Ако се сака, се разбира!
П.С.
Кога сме веќе кај (не)конзистентноста, оној чие име веќе никој – дури ни во неговата партија – не го спомнува, ветуваше „по еден вработен во секое семејство“! Овие актуелниве неконзистентно го надминуваат и тоа ветување: имаат дури по двајца вработени од секое семејство, и тоа обајцата – директори!