Премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување во 24 Отворено најави дека веднаш по изборите ќе направи владина реконструкција во која ќе бидат заменети неколку министри.
Тој не сакаше персонално да ги посочи министрите кои ќе бидат заменети, но рече дека реконструкцијата ќе опфати министри и од СДСМ и од ДУИ.
-Никој нема да биде поштеден во реконструкцијата на владата – рече Заев, потенцирајќи дека тој веќе има предвид кој министри ќе бидат ставени под лупа.
Тој е убеден дека граѓаните на 5 мај ќе го изберат Стево Пендаровски за претседател на државата. Но, ако тоа не се случи и ако противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова има макар еден глас повеќе, тој е подготвен веднаш да организира спроведување предвремени парламентарни избори.
Како што рече Заев, цензус сигурно ќе има. Доколку нема, можни опции се повторно органзирање избори или промена на Уставот за избор на претседател во Парламентот.
– Немаме такви одлуки, ниту размислуваме во тој правец зашто веруваме дека граѓаните ќе изберат претседател на државата – потенцира премиерот.
На прашањето дали ќе понесе политичка одговорност ако Пендаровски не ја добие поддршката, Заев рече дека одговорноста ја гледа токму во организирањето предвремени парламентарни избори веднаш по претседателските иако лично смета, како што објасни, дека тоа не е добро и ги кочи севкупните процеси во државата.
– Не треба постојано да одиме на избори зашто и правиме штета на државата. Добро е да оставиме цел мандат, да не се кочи планирањето и напредокот на земјата – рече Заев.