Инатот не попушта! Чаре, нема! Ќе се оди на предвремени избори!? Така велат ВМРО-ДПМНЕ. Така велат, а знаат дека освен што ќе се потрошат големи милиони пари, победник ќе нема. Никој не ќе може да освои доволен број пратеници за да формира Влада. Коалиција!? Зар со луѓе што се полни со инат може некоја партија да коалицира?!
Но, тоа е тоа. ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат да дадат десет пратенички гласови за уставни промени, прифаќање на Преспанскиот договор, промена на името од ФИРОМ во Република Северна Македонија и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Сакаат избори. Велат дека се подготвени. Дека народот ја заборавил нивната единаесетгодишна диктатура и дека пак ќе им го даде гласот. Аферим, што ќе рече народот. Баш аферим. Ако навистина македонскиот народ е со кратко паметење нека им ја даде власта! Велат народот избира, народот менува! Така е во демократија.
Но дали раководството на ВМРО-ДПМНЕ е сигурно, по сето она што и го направија на Македонија, дека народот повторно ќе биде со нив!? Дали ќе биде со нив и по најавата дека Европа ќе ја изолира Македонија!? Ќе ѝ ги сопре сите инвестиции! Ќе ѝ ги затвори границите!? Дека Македонија ќе биде сама!?
Чул те Господ, што вели народот, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ да победат! Да формираат стабилна Влада која ќе и донесе благодет на Македонија!? Тогаш налет нека се фрлените пари за изборите! Но, што ако не излезе ништо!? Што ако и едните и другите не ќе можат да формираат Влада!? Судењата на оние што украле големи милиони народни пари, од претходната Влада, ќе мора да продолжат. Кој крадел ќе си лежи и до денар да ги врати украдените пари. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ не ќе може да го спаси ниту „вождот“ ниту оние околу него. Но, секако дека и за ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ размислувало. Или, пак, купува време? Нивна работа. Жално ќе биде ако Македонија го испушти врапчето што го има во рака, а ќе мора да трча по гугутката, која е на керамиди!?
Инатот повторно победи. А тој кај Македонецот не е вчерашен. Тој е вроден. Не велиме дека сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се полни со инат. Меѓу нив има и мудри кои сакаат, кога и е најтешко, да и помогнат на Македонија. Но, наредбата си е наредба. Ако не ја почитуваш ќе те нема!
Како и да е, народните избраници и најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ сакаат избори! Штом не може разумот да победи, нека бидат избори. Навикната си е Македонија секоја втора година да оди на предвремени избори. Тоа и овој пат, за неа, нема да биде ништо ново. Времето е сѐ пократко. Но, ако се сака, има време, ВМРО-ДПМНЕ и неговите пратеници, можат да го решат! Не за СДСМ туку за Македонија и македонскиот народ!