Нека е чисто

Ѓубрето расфрлано насекаде во природата и ѓубрето што го гледаме во политиката во форма на лага и непристојна реторика или криминал и корупција. И едното и другото ѓубре, вистинското и политичкото, тешко се чистат. Тоа го знам и од лично искуство.

2619

Езерски лозја, населба крај езеро на патот кон Охрид, каде што е татковата куќа,  секогаш ми била парадигма за нашиот напредок. Стагнација би можел да биде вистинскиот збор за да се опише таа состојба. Населбата како да е закочена во времето. Изминативе десетлетија, македонската транзиција кон капитализам и правна држава, и тука го покажа своето хаотично лице. Наеднаш, веројатно како последица на процесот на враќање на национализираниот имот, ќе никнеше жичена или моќна железна ограда со која некој ќе го заградеше Езерото. Некое време потоа, оградата ќе ја снемаше. Ќе почнеше да се гради некаков објект крај Езерото, па ќе запреше. Состојбите со двата постоечки туристички објекти, Еврохотел и кампот АС е приказна за себе. Парадоксално, но, идејата за интеграција на македонското во европското хотелиерство пропадна со пропаста на социјализмот.

Имено, како дел од некаков конзорциум на хотели, сопствениците на апартманите можеа со размена да одат во други краишта на светот во кои има Еврохотели. Тие туристички височини никогаш не ги освоивме, но хотелот кој беше полн со гости, имаше ресторани, бар, детско игралиште и добро снабдена самопослуга.  И средена околина со искосена трева. Сепак, загубен во транзицијата, Еврохотел заврши како од филмовите на стравот и ужасот на Карпинтер. Како што се редеа годините на транзиција, несредени имотно-правни односи доведоа до исклучување на струја и вода, и до смрт на овој туристички објект. На огласи апартманите се продаваа за бадијала. Минатата година разбрав дека дел од сопствениците решиле да ја земат судбината во свои раце и да му го вратат живот на Еврохотелот. Но, се чини дека заплетканите односи помеѓу сопствениците и светоста на приватната сопственост која ја прогласивме на почетокот од деведесеттите попречуваат брз подем без договор. Од овој пример разбирам дека потребна е не само правна држава, која сеуште ја немаме, туку и ефикасна правна држава, за која уште долго ќе сонуваме. Се разбира, договор меѓу заинтересираните решава се, но тој договор, е нашата слаба национална и меѓунационална точка.

Слична е ситуацијата и со кампот АС, во кој беа сместени приколки на бројни претпријатија од Македонија, некои во фаза на распаѓање, во кои летуваа нивни работници. Нерешените имотно-правни односи во приватизираниот камп, еве веќе триесет години, попречуваат кампот распослан на прекрасна локација меѓу двата града, да стане туристичка дестинација од прва категорија. За жал, цената за тоа е сиромашните претпријатија и нивните приколки да бидат отстранети. Новите дрвени куќички во кампот и патеката од бекатон направена во делот во кој со своите прекрасно опремени трајлери, секоја година, пристигнуваат караваните од Холандија, го најавуваат идното време.

Брачен пар од Холандија кој одбива да патува со караванот туку сакаат сами да си го планираат времето, завршија во нашиот двор на кафе. Седнати покрај жичаната ограда на кампот љубезно се смешка и ги поздравуваа шетачите на патеката од Струга до реката Сатеска, најголемиот загадувач на Езерото. Поканата да се напиеме кафе веднаш ја прифатија. Какви се нивните впечатоци од престојот во нашата земја? Колку да не биде болно за нас, од учтивост, велат дека и Франција била валкана до пред некоја деценија, ама дека денес е исчистена. Мислат дека треба да сториме нешто повеќе за да ја подобриме хигиената во земјата во која се на минување, зашто се нагледале купишта ѓубре.

Во моите политички текстови цитирам еден американски автор кој пишува дека во нашиот животен век квалитетот на политичкиот систем во кој живееме нема битно да се подобри. Сега знам, дека во нашиот животен век и квалитетот на хигиената нема битно да се промени. Можна е и една паралела меѓу двете ситуации. Ѓубрето расфрлано насекаде во природата и ѓубрето што го гледаме во политиката во форма на лага и непристојна реторика или криминал и корупција. И едното и другото ѓубре, вистинското и политичкото, тешко се чистат. Тоа го знам и од лично искуство. За ѓубрето во политиката сум пишувал доволно. И уште е тука. Исто како и ѓубрето долж патот на, инаку, прекрасната пешачка патека од Струга до Сатеска. Годинава како да е нешто подобро, но сеуште сме далеку од Холандија. Дали на овој прогрес во кој спаѓа и обновената патна мрежа околу населбата и во градот Струга и подзачистената патека ќе додадеме нов наредната година или повторно ќе паднеме назад ќе дознаеме за дванаесет месеци.

Во времето на социјализмот, еден возрасен стружанец со својот коњ и кола одеше секојдневно покрај брегот и го собираше отпадот на несовесните граѓани. На мојата забелешка за нивното неодговорно поведение ми вели: „Ако нека фрлаат инаку јас ќе останам без работа“. Изминативе години нема кој систематски да го собира сметот покрај патот и на брегот. Струшка снаа од Чешка вели дека не треба да се гледа долу туку само горе, кон небото и прекрасното езеро. Тоа, имено, е решението. Се разбира, тоа не е решението. Решението е постојано да се бориме против ѓубрето, во политиката и во природата. Во политиката ни е потребен систем на отчетност кој ќе ја чисти од корумпираните, во природата систем на образование на децата од мали да ја чуваат природата и добро организиран комунален систем со повеќе комуналци на терен отколку во кацеларии. Развиен комунален систем за целата држава, е она што ни треба. Разбирам од извештајот на еден НГО дека само 50 проценти од населението е опфатено со организирано собирање на сметот. Што мислите, што прави другата половина со своето ѓубре? Го чуваат дома?

Денес, внукот Матео кој има четири и пол години, ја имаше првата лекција наречена заштита на природата. Со голема црна ќеса ја чистевме плажата која и нашите комшии и роднини, Стрезовци, веќе еднаш  ја чистеле од страшна количина отпад за мајските празници. Не можев да му објаснам на внукот дека и него го чека битка без крај. Само можеме да се надеваме дека се повеќе луѓе ќе се придружат. Токму како оној осамен тркач покрај Вардар кој, некни, со огромна црна кеса си ја чисти патеката по која трча. Чија е иницијативата, го прашувам. Моја, лична, одговара. Ништо помалку од променета свеста е гаранцијата дека ќе успееме да ја исчистиме нашата земја. А умот споро се менува. Сепак, ова не е умот на оној човек од пред неколку децении кој, мислејќи ме за вработен во струшки комуналец, ми заповеда да фатам со греблото и на местото на плажата, каде што беше распослан со фамилијата околу корки од расечен карпуз. Мојата реакција на неговата заповед? Дамна беше, но се сеќавам: не се расправав, само го ѕирнав од под капата и без збор ја исполнив неговата наредба.

Само нека е чисто. Зошто? Па, заради едно претходно искуство. Кога едно прекрасно пролетно утро во Скопје, се обидов да се скарам со човек кој испушти од раце голема од бурек мрсна хартија на тукушто измиениот тротоар кај мостот Гоце Делчев, ме чекаше изненадувањето на мојот живот. Имено, на повикот до корпулентниот скопјанец да си ја земе хартијата која му „паднала“ и која му ја подавав, тој зачудено, добродушно и целосно искрено, ми рече дека не му треба, Никогаш нема да го заборавам неговиот поглед: добар, питом, како очите на некој вол.

Извор inboks7.mk

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...