Неказнивост за пресметка со новинари

Според УНЕСКО, 1.154 новинари се убиени по 2006 година. Тоапрактично значи дека секој четврти ден се случува убиство на новинар. Но само заполовина од случаите за кои биле испратени извештаии до УНЕСКО едновремено биледоставени и информации за тоа какви правни мерки и дејствија биле преземени за да се истражат убиствата.

238

„Ти гарантирам дека ќе престанеш да пишуваш“. Така, според сведоците во судскиотпроцес кој е во тек, гласела пораката што обвинетиот бизнисмен му ја испратил наубиениот словачки новинар Јан Куциак, кој истражувал голем корупциски скандал.

Главниот сведок во судот во Братислав навел дека бизнисменот платил 70.000 евра занарачка на убиството. Трагичната смрт на Куцијак пред две години не претставуваше само силен удар врз слободата на печатот и новинарската независност, туку предизвика и најголеми демонстрации во Словачка по падот на комунизмот.

Со широка јавна осуда и остри реакции беа проследени и вербалните напади и навреди кои заканувачот Емил Јакимовски деновиве ги упати до македонски новинарки, а поради своето непрофесионално однесување тој доби и отказ од работното место.

Тоа, можеби, е дочекано како мала сатисфакција за оштетените, но и за сите оние штосе залагаат за заштита на слободата на изразувањето како темел на демократијата, и барем малку ја намалува перцепцијата дека владее неказнивост за насилства против новинарите. Но тоа, сепак, не значи дека партијата чиј симпатизер и член е заканувачот нема да се погрижи околу неговото згрижување, сè додека има полза од неговите услуги во медиумското оцрнување на политичкиот противник. Злоупотребата на партиските активисти, со поттикнување на ширење на омраза, навреди и дискредитации, со години наназад речиси целосно го контаминира медиумскиот простор во Македонија.

А токму неказнивоста на злостроствата и насилствата против новинарите во значајнамера придонесува за морално труење на општеството. Во 2014 година Обединетите нации го прогласија 2 ноември за Меѓународен ден против неказнивост за кривични дела против новинарите, со цел да се посвети внимание дека новинари се жртви на убиства и дека се изложени на сериозни закани, насилства и прогонувања.

Според меѓународни извештаи, во повеќе од 90 отсто од случаите на убиства на новинари сторителите остануваат на слобода, како во земји зафатени со војна така и во земји кои се во мир. Според УНЕСКО, 1.154 новинари се убиени по 2006 година. Тоа
практично значи дека секој четврти ден се случува убиство на новинар. Но само за половина од случаите за кои биле испратени извештаии до УНЕСКО едновремено биле доставени и информации за тоа какви правни мерки и дејствија биле преземени за да се истражат убиствата.

Негативни искуства поврзани со нарушувањето на статусот на новинарската професија не се забележуваат само во земји со авторитарни режими. Има повеќе предупредувачки примери, како во случајот на една од најсилните европски демократии, Шведска, која според слободата на медиумите редовно е меѓу првите земји на ранг-листата на „Репортери без граници“. Но, испитувања покажуваат дека дури 40 отсто од шведските новинари прибегнуваат кон автоцензура поради закани и ширење на омраза кон нив.

Според резултатите на една анкета објавени во весникот на Сојузот на новинарите на Шведска, мошне мал број од овој вид кривични дела се предмет на темелна истрага,
бидејќи ретко се поднесуваат кривични пријави. Причината е едноставна – малкумина шведски новинари веруваат дека полицијата ќе ги приоритира токму нив.

Агресивните напади кон медиумите во последните години јасно зборува дека дури ни Европа не е имун на сериозни насилства и убиства на новинари. Зад отворените закани против новинари во Европа одекнува непопустлива анти-медиумска реторика од страна на одделени политички лидери – актуелни премиери или пак врвни опозициски политичари со претензии да ја освојат власта.

Токму затоа организацијата „Репортери без граници“ истапи со десетина предлози пред годинашните ЕУ избори со кои слободата на печатот би добила статус на едно од централните прашања за новиот состав на Европскиот парламент. Еден од предлозите се однесуваше и на воведување на посебна функција на европски комесар со одговорност за прашањата поврзани со слободата на медиумите и заштитата на новинари, како и јакнењето на гаранциите за демократија и на Интернетот и
социјалните мрежи.

ЕУ располага со можности да ја користи својата економска и политичка моќ за да воведе санкции против лица кои со своето однесување претставуваат закана против слободата на медиумите, а што беше и предлог на самиот Европскиот парламент со оглед на развојот во медиумската сфера во последните години.

Модернизацијата на законите во ЕУ е всушност неопходна поради приспособување на реалноста која владе во Унијата. Оттаму и сè почесто се укажува дека слободата на печатот е неоспорен дел на демократските вредности кои во изминатите децении
претставуваа обединувачка нишка што ги поврзуваше членките на ЕУ. Со одбрана на медиумските слободи Европа го брани сопствениот политички модел од внатрешни и надворешни закани

За жал, екстремните случаи на нарачани убиства на новинари веројатно ни во иднина не ќе можат да се исклучат. Но, без постојани бескомпромисни заложби за јакнење на слободата на медиумите и заштитата на новинарите, слабата ефикасност во борбата против корупцијата, криминалот и кршењето на човековите права и понатаму ќе се доживува како алиби за немоќта и фрустрациите предизвикани од неисполнувањето на клучните реформи и бавното темпо на модернизација на општеството.

Без слободни медиуми, криењето на корупција и матни зделки, и нападите на демократијата, стануваат многу полесна задача.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...