Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија вели дека во предлагањето на забелешките за законот за јавно обвинителство биле водени од интересот на граѓаните и зацртаната стратешка цел за понатамошни ЕУ интеграции.
„Поради зголемениот интерес на целокупната јавност во однос на законот за Јавно обвинителство и ставот на Независната пратеничка група чувствуваме потреба да го доближиме и појасниме овој процес до вас, граѓаните. Пред една година кога темата стана актуелна, нашиот став беше усогласување на сите политички чинители и постигнување консензус. Во тој период ние имавме интензивни разговори и консултации со домашни и странски експерти. Во моментот кога оваа тема се издигна за суштинската потреба од враќање на надежта во правната држава, но и одењето во прилог на европскиот напредок на нашата држава. Носени од интересот на граѓаните и зацртаната стратешка цел за понатамошни ЕУ интеграции ние одлучивме да оформиме став и забелешки кои законското решение ќе го подобрат. Апелиравме на јавна расправа и учествуваме во интензивни преговори“, се вели во соопштението од оваа пратеничка група.
Силно се заложивме за престанување на политички реваншизам и отпочнување на правда, велат пратениците и додаваат дека со одложената примена на овој закон даваме шанса за конечно усогласување на кривичниот законик со европското кривично законодавство.
„Ние успеавме јавниот обвинител да биде избран транспарентно. Дадовме конечен рок и постапка за уништување на нелегално стекнатите материјали и овозможивме како опозиционери да се избориме да нема употреба на нелегални докази. Важно е дека обвинителството ќе работи по овој закон без префрлање на надлежностите на СЈО. Нема автоматски трансфер на обвинители од СЈО во ОЈО и избор на нови преку легален, транспарентен процес“, стои во соопштението од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.