Најголем дел од кокаинот, вреден околу 50 милиони евра, запленет од италијанската полиција во количина поголема од еден тон во меѓународна акција – требало да заврши на пазарот во БиХ, објави бањалучкиот весник „Независне новине“.
Еден килограм од кокаинот, како контролирана пратка, беше запленет во магацин за овошје во селото Крушопек во скопски Сарај. Кај нас беа приведени четири лица, кои беа одведени во полициска станица, а истрага се води против двајца од нив – сопственикот на фирмата Банекс компани ДООЕЛ, увозник на овошјето и возачот на камионот.
Според техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, кој на прес-конференција во четвртокот говореше за меѓународната акција, крајна дестинација на дрогата била нашата земја. Тој тогаш посочи дека станува збор за меѓународна акција, но, како што кажа заради истрагата, не сакаше да каже кои се земји се вклучени во неа.
Во меѓувреме Државната агенција на БиХ за истраги и заштита (СИПА) на својата веб страница објави дека во соработка со полицијата и судските власти на Италија, Северна Македонија и Црна Гора, учествувала во спроведувањето меѓународна операција и прекина меѓународен синџир за трговија со кокаин.
За време на спроведувањето на оперативните активности, откриени се и привремено одземени големи количини кокаин.
Полициски службеници на СИПА на територијата на БиХ уапсиле две лица, сослушале повеќе сведоци, извршиле претрес на повеќе лица и подвижен имот и одземени се предмети што би можеле да послужат како доказ во понатамошната кривична постапка.
Според „Независне новине“, станува збор за меѓународна акција со која е пресечен голем синџир за организиран шверц на дрога, што прво го дознала италијанската полиција, која во соработка со колегите од други земји ја следела пратката.
Имено, во пристаниште во Италија, полицијата запленила неколку контејнери кокаин, што требало да се испрати во Бар во Црна Гора и понатаму во Македонија и БиХ.
Како што е потврдено, полицијата успеала да извлече 970 пакувања наркотици со тежина од 1.128 килограми, а лажна пратка со околу килограм кокаин ја запечатиле заедно со систем за следење за да се утврди дестинацијата на толку голема количина наркотици.
Весникот нагласува дека шест камиони пристигнале во Бар за пратката од кои четири од Македонија за запечатени контејнери, без да знаат дека полицијата ги следи, а наместо наркотици, тие содржеле само килограм кокаин оставен од истражителите.
Другите два камиона заминале за БиХ, без да знаат дека тие всушност транспортираат празни контејнери и дека иследниците исто така го следат нивниот пат.
Лука Миладиновиќ, портпарол на СИПА, рече дека уапсените две лица ќе бидат предадени во Обвинителството на БиХ.
-На територијата на БиХ, полицајците на СИПА уапсија две лица, слушнаа повеќе сведоци, извршија претрес на повеќе лица, предмети и подвижни предмети и запленија предмети што може да послужат како доказ во понатамошната кривична постапка, рече Миладиновиќ.
Чулев на прес-конференцијата информира дека кокаинот, кој е по потекло од Колумбија, е пронајден во магацин за овошје – банани на правното лице Банекс компани ДООЕЛ. Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.
– Одделот за сузбивање организиран и сериозен организиран криминал, Единицата за недозволена трговија со дрога во период од 17 до 19 февруари 2020 година во координација со јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а во рамките на меѓународна полициска соработка во која беа вклучени повеќе земји реализира акција за недозволена трговија со дрога, при што во скопското село Крушопек беше запленет еден килограм кокаин, кои се само дел од поголема количина, која треба да заврши во нашата држава, рече тогаш Чулев.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска вчера во емисијата 360 степени на Алсат изјави дека министерот Наќе Чулев пред време открил информации и за тоа бил опоменат од италијанските власти.