Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ бараат новиот закон за јавносто обвинителство да се разгледа во Собранието и да се отвори јавна расправа, наместо за предлогот да се дискутира само во штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
– Министерството за правда, уште денес треба да го достави законот во Собрание на разгледување на сите политички субјекти, таму кадешто е местото, а не во политичките штабови Претседателот на работното тело кое ќе биде назначено, веднаш да ги исконтактира експертите од областа, граѓанскиот сектор и засегнатите професионалци, и итно да закаже јавна расправа во која ќе се вклучат и меѓународни преставници за целосна транспарентност на процесот. Според забелешките од јавната расправа, политичките партии да се постават на ниво на државотворни чинители, да се надминат себеси и да понудат решение кое ќе ги приближи нивните ставови. Во духот на владеењето на правото, после таков инклузивен процес, и НПГ како и останатите ќе ги понуди своите размислувања за што подобро законско решение – велат Независните.
Според нив, политичките субјекти, наместо да се насочат кон носење квалитетни законски решенија, особено кога се зборува за законот за јавно обвинителство, во различен контекст се обидуваат да ги злоупотребат.
– Крајно несериозно е една година неколку луѓе, а не Собранието преку пратениците да имаат разговори зад затворени врати. Процесот треба да биде инклузивен, освен ако обете партии не сакаат политички договор наместо добар закон – велат од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.