Во карпатското село Вигода, со население од 3,5 илјади лица, повеќе од еден век почнува маршрутата на една од уникатните, досега сочувани железници со тесен колосек за која пишува ukrainer.net. Создадена за превоз на дрво, железницата со тесен колосек преживеала две светски војни и сменила многу сопственици. За тоа време таа станала не само индустриски, туку и туристички објект, околу кој денес активно се развива инфраструктурата.
– Добар ден – ги поздравуваме учесниците на Карпатското трамвајче. Се викам Ѕвинка и ќе ве придружувам во целото патување. Ќе ви раскажам неколку куси правила, кои треба да се следат за време на нашето патување. Влегуваме и излегуваме од трамвајчето по неговото целосно запирање. И најглавното правило – сите свои негативни мисли и емоции ги оставаме ете тука на оваа платформа, за да ги развее ветрот, а со себе на патувањето го земаме само доброто и позитивно расположение.
Така започнува екскурзијата на Вигодската железница со тесен колосек или Карпатскиот трамвај. Маршрутата на возот почнува во Вигода и се протега по планините, по должината на сликовитата река Мизуњка.
Од австриските барони до украинските туристи
Втората половина на XIX век е период на активен развој на индустијата во Австро-Унгарија. Бидејќи Галичина во тоа време била во состав на оваа држава, неа процесот исто така не ја одминал. Украинските Карпати се густо покриени со шума. Побарувачката за дрво во тоа време се зголемила, се зголемил и обемот на сеча на шумите и снабдувањето со дрво. Се појавила потребата за нови методи на нивно транспортирање.
Во 1873 година австрискиот барон Леополд Попер фон Подгари пристигнал во селото Вигода и го донел со себе дрвопреработувачкиот бизнис. Значи, во Вигода се појавила парна фабрила за пилање на дрва, пилана, а во Стариот Мизун – дрвопреработувачка фабрика. Изградбата на првата гранка на железницата со тесен колосек во Карпатите Попер ја почнал веќе во 1890-те години. Првата делница во должина од 3 км се протегала од Вигоди до фабриката во Стариот Мизун.
Потоа почнала Првата светска војна и баронот Попер бил приморан да го намали својот бизнис во Карпатите. Железницата со тесен колосек им ја продал на Британците, а веќе од 1918 до 1920 година со продолжување на железницата од Стариот Мизун понатаму по долината на Мизуњка се занимавала полска компанија. Главната линија оттогаш се продолжила до продолжила до географскиот ориентир Собољ.
Освен главната, во тоа време веќе почнала изградбата на втората гранка од железницата со тесен колосек: во 1913 година Германците ја граделе гранката во долината на реката Свича во должина од 21 км. Таа се протегала од Вигода до Лудвикивка. За една година изградбата запрела. Дури по 23 години линијата била продолжена: таа завршувала со станиците „Бескид“ и „Свича“ и била долга 65 км.
По Втората светска војна двете гранки на железницата со тесен колосек се обединиле во една и почнала активна изградба на гранки. Во тоа време должината на Вигодската железница со тесен колосек достигнала 180 км. Потоа обемот на сечата на шумата се намалил и железницата почнала да пропаѓа. Веќе во 1990-те години должината на железничката пруга се намалила на 135 км, а силните поплави во 1998 година целосно ја уништија половината од патеките.
Од 2000 година во Вигода почнало да работи друштвото „Униплит“. Неговите основачи имале за цел да го обноват значењето на Вигода како на дрвнообработувачко село и да создадат тука фабрика за производство на дрвопреработувачки производи. За тоа да се работи тоа, било потребно да се набави дрвото. За да се набавува и транспортира дрвото, било потребно да се обноват железниците со тесен колосек. Во тоа време само 7 км од железничката пруга можеле да бидат употребливи. Друштвото обновило уште 75 км. Оттогаш по линијата минува товарен воз и возот, што ги пренесува дрвосечачите. 2003 година возот го добил називот „Карпатски трамвај“ и почнал активно да ги вози уште и туристите.
Паркот на „Карпатскиот трамвај“ се состои од автовагон ТУ6П-0037, два патнички вагона и отворена платформа. Возот се состои од локомотива, што има 12 места за туристите, каде што може да се набљудува работата на машиновозачот и 2 вагона: затворен вагон со комфорни седишта, вагон-кабриолет, а исто така и отворена платформа.
Прво патување, Љубомир
Љубомир Јацкив е еден од првите кој почнал да работи на туристичката атрактивност на селото и обновување на железницата со тесен колосек.
Во 2003 година се одржал Петтиот бојкивски фестивал, на кој се собираат бојки од целата земја за да ги покажат своите традиции, обичаи, да го популаризираат автентичниот бојкивски фолклор и да ги обноват народните занаети. Кај Љубомир, кој тогаш сѐ уште бил вработен во реонската државна администрација како одговорен за туристичката сфера, тогаш се појавила идеја да направи прво туристичко патување.
– Се собрале од сета Украина бојките и рекле дека тоа е многу убаво, дека такво нешто тие уште не виделе. И ние почнавме да развиваме: еден вагон, втор вагон, кабриолети. Најмногу ни помогна тоа што ние стапивме во асоцијација, потпишавме договори со други железници со тесен колосек: романската, полската, австриската – вели тој.
Љубомир раскажува дека до тоа прво патување „Униплит“ правел еднократни туристички патувања, но сакал да ги направи постојани.
– И ние го постигнавме тоа заедно со друштвото „Униплит“, што кај нас се неработни само понеделникот и вторникот, а така патуваме цела седмица, цела година. Претставете си: зиме вие патувате, а околу вас стојат снежни наноси од по 2-3 метра. Најубаво се вози шумата зиме. Ја чистат железницата со тесен колосек, ние го усогласуваме распоредот со друштвото „Униплит“. Проектот е дел од програмата трансгранична соработка „Унгарија – Словачка – Романија – Украина“. Целта на проектот е да го сочува историското и природното наследство околу железничките патишта со тесен колосек. Правиме и туристичка маршрута и индустриска. Ние на луѓето им покажуваме како ја сечат шумата и како ја подготвуваат шумата за сеча – вели тој.
Туристичките патувања се одвиваат секој викенд. Има две варијанти на маршрутата. Класична, четиричасовна: од Вигода до станицата Дубовиј Кут и Мизунските водопади и планинска маршрута, што заедно со запирањата трае 8 часа: од Вигода преку Ширковец, Стариј и Новиј Мизун, Дубовиј Кут, Солотвинско шумарство, Миндунок.
Во почетокот екипата на проектот „Карпатски трамвај“ имала само две лица, а сега се седум. Сепак, Љубомир зборува за силниот недостиг од кадри.
– Ете, на пример, сега на нашето карпатско трамвајче шест луѓе одбранија дипломски работи. Меѓу тие, што одбранија е и раководителката на екскурзијата, Ѕвинка. Ние денес го правиме дури и тоа, што таа го напишала во својата дипломска работа. И тоа е многу пријатно, што младите помагаат и воведуваат нешто свое. Сега се подготвуваат специјалисти само во Лвов. Се имаат предвид бринзарите – бринзар е тој, што одговара за техниката на безбедноста во возот и машинистите. Тоа е проблем, затоа што тие кадри, кои патувале, одат во пензија. Но, мислам, дека тоа може да се реши. Минатата година ние испративме еден човек, „Униплит“ испрати уште двајца. Оваа година ние исто така ќе испратиме луѓе на студии. Тоа е нетрадиционална професија во моментов, но мислиме дека таа ќе стане традиционална – додава Љубомир.
Бројот на туристите ќе го надмине за 10 пати бројот на жителите
Неделниот патнички сообраќај на Вигодската железница со тесен колосек има капацитет за 500-700 лица. Кога првпат била пуштена маршрутата, во просек имала капацитет 300-500 лица месечно, а сега е до 20.000. Љубомир се шегува дека бројот на превезените патници наскоро десет пати ќе го надмине бројот на жителите на Вигода.
– Тоа е уникатна маршрута. Сега „Карпатскиот трамвај“ е основен извор на туризмот. До него се припива и трговијата, и животот, и дури музејот. Луѓето имаат каде да појдат, да одморат – вели тој.
Уникатен музеј
Во април 2016 година во Вигода се појави музеј, каков што нема сличен во Украина. Сјајната и светла двокатна градба, некогашната резиденција на баронот Попер и една од најстарите градби во селото, сега е интерактивен музеј на Вигодската железница со тесен колосек. Тука не само што е дозволено, туку е и препорачливо експонатите да се допрат, секоја експозиција изискува активна интеракција. Тука едноставно може да влезете во дупката на лисицата или во дупката во стеблото за птиците или да управувате со возот.
Посетителите ги запознаваат со историјата и природата на крајот, меѓу другото со шумопреработувачката пилана, раскажуваат за животот на етничките бојки, нивната култура и традициите.
Музејот стана реалност, благодарејќи на претставничката на туристичката асоцијација на Ивано-франкившчина Оксана Федорович, која го напиша проектот и го доби грантот за селото. Тоа е заеднички проект на асоцијацијата и селскиот совет.
Благодарејќи на Оксана Федорович успеале да ги обединат трите проекти: да се обнови имотот на баронот, да се создаде музеј на флората и фауната на Карпатите и да се поврзе со музеите на железницата со тесен колосек. Работите на создавањето на центарот траеле 3,5 години.
– Тука беше сѐ срушено. Таа (Оксана Федорович) зрно по зрно тука сѐ собирала, го правела сето тоа. Тоа било тешко – додава Љубомир.
Посетителите на музејот имаат можност да го видат и уникатниот филм за историјата на Вигодската железница со тесен колосек.
Сергиј Андрусјак, пред работата во музејот работел во селскиот совет како правник, давал правна поддршка на музејскиот проект, а потоа бил консултант на проектот.
– Тогаш мене тоа ми се допадна, оваа туристичка гранка. Тука секој ден се заблагодаруваат. Ете, реални луѓе се заблагодаруваат за работата. Не е така кај секоја работа. Луѓето се многу воодушевени, децата воопшто велат дека ова е најубавиот музеј на светот. Ние имаме книга на коментари, табла на желби, каде сите пишуваат – вели тој.
На експозицијата на музејот работела Федорович. Љубомир и Сергиј отворено се воодушевуваат на нејзината работа.
– Ние сакавме да направиме проект за обнова на железницата со тесен колосек, музеј на железнички атрибути. Такви пари не можевме да најдеме. За приватните фирми, такви како што е „Униплит“ не давале пари. И тогаш се појави таа. Таа сѐ може, оваа Оксана. Таа го зела проектот, го скратила буџетот на пола милион евра, но направила и железница со тесен колосек и интерактивен музеј – велат тие.
Најчести посетители на центарот се децата, но не само поради тоа што тука може сѐ да се допре, туку и благодарејќи на разработените проекти. Во основата на центарот создаден е еко-клас во рамки на еден фински проект. Купени се специјални книги за деца, тетратки, има минископи и бинокли. Исто така, децата учат да го сортираат ѓубрето. Сергиј Андрусјак заедно со екипата на центарот посакуваат наставата по биологија да се одржува токму тука.
– Поголемиот дел од времето децата работат во природа, во паркот. Имаме такви столчиња, со кои излегуваме да седнеме. Исто така, во прошетките може со нив да се оди. Купивме големи, силни бинокли, со чија помош може да се набљудуваат птиците, микроскопи, во кои ние гледаме од што се состои растението – велат од Центарот.
Сувенири покрај железницата со тесен колосек
Ако порано, туристите, кои пристигнувале да се возат со Карпатското трамвајче, не се задржувале во селото, тогаш со појавата на музејот ситуацијата се промени. Тој, фактички им овозможува на туристите да останат подолго.
Во центарот на селото има продавница за сувенири, каде што се продаваат производи од локалните мајстори. Има и работилница, каде се произведуваат сувенири.
– Наша основна задача е да може што повеќе туристи да ги привлечеме кон нашето село. Тоа е нашата заработка. Ние плаќаме дел од приходот во селскиот буџет. Затоа што селото ќе биде побогато и за нас ќе знаат повеќе. Сакаме да учествуваме во други проекти, да се развиваме – вели Љубомир.
Љубомир Јацкив сонува да го обнови стариот санаториум и да го претвори во хотел.
– Па, јас, предлагав да се направи не санаториум, туку хотел. А во хотелот да има специјалисти, масери со лиценци. Затоа што да се добие сега лиценца за санаториум – тоа е многу тешко, и да се одржува санаториум сега не е модерно. А така вие ќе пристигнете, ќе се сместите во хотел, сакате – останете со својата љубена цели 5 дена во соба, а ако сакате – одете на масажа, сакате – одете на нашата водичка – вели тој.
Главна атракција на Вигода останува токму „Карпатскиот трамвај“. Освен прекрасни пејсажи од прозорците, тука посетителите им се воодушевуваат и на специјализираната театрализирана екскурзиска програма, каде има многу песни, историја и шеги.
Екипата на возот е многу сложна и работи како единствен механизам. Во маршрутата ве следат четири лица: началникот на возот, водичот на екскурзијата, бринзарот и машинистот.
Олег работи како началник на возот и постар водич на екскурзија скоро од самиот почеток на туристичките маршрути. Во екипата Љубомир го зел кога биле разработени екскурзиите.
– Јас, тогаш веќе почнав да барам луѓе, со кои може да се развива работата понатаму. Затоа што прво требаше да се направи машината, а потоа да се бара возачот. Многу сум задоволен, што го сретнав него – вели Љубомир.
Во „Карпатскиот трамвај“ има и музика.
– Ние сакаме да им ја всадиме на луѓето нашата, бојкивска, украинска музика, за таа да биде природна. Има такви што пристигнуваат од Донецк, од Днипропетровск, дури и тие од Чернивци. И тие велат: „Запејте ни украински песни“ – вели Љубомир.
Карпатскиот трамвај има уште една особеност – песната на групата „Пикардиска терца“ под назив „Стариот трамвај“ напишана е токму за оваа маршрута. Учесниците на групата ја создале по патувањето со железницата со тесен колосек.
„Карпатскиот трамвај“ работи цела година и протокот на туристи тука е секогаш голем.
– Склучивме договори со туристичките оператори на Трускавец, Моршин, Лвов, Винница. Сега кај нас многу доаѓаат Белоруси, а има и Австријци, Полјаци, Германци. Така ние на цела Европа ѝ раскажуваме за нашиот бојкивски крај – завршува Љубомир.
Погледнете го видеото и „прошетајте“ со Карпатската железница со тесен колосек во Вигода.