Недостигаат 3 степени за да се прогласи портокалова фаза во скопскиот регион

Нема уште услови за прогласување портокалова фаза во јули, температурата треба да се зголеми на 41 степен и да трае неколку дена. Проблематично е што минималните  температури се високи и што и во текот на ноќта не доаѓа до поголемо намалување, вели Костадинка Арсовска од УХМР

495

Тропски 38 степени Целзиусови биле измерени вчера во Скопје, а иако за денеска од УХМР најавуваат и температури од 40 степени, живата на термометарот на толку степени ќе се искачи само во Гевгелија и Демир Капија. И покрај очекувањата на многу граѓани денеска да биде прогласена и портокалова фаза во неколку региони, тоа засега нема да се случи и остануваме во жолта, алертна фаза.

За Скопје недостигаат уште цели 3 степени за да се прогласи повисок степен на опасност од топлотните бранови, односно портокалова фаза, а загрижувачки е и што минималните, утрински температури денеска биле повисоки и изнесувале од 18 степени во Петровец до 22 на Зајчев рид. Значи, имало дури 4 степени разлика.

Во врска со тоа кога ќе се прогласи портокалова фаза, со оглед на најавените многу високи температури за денеска и особено на зголемената влажност на воздухот во Скопје, поради што се добива впечаток дека е уште потопло, од УХМР објаснуваат:

– Во Скопје вчера беше најтопло, со измерени 38 степени, а денеска се очекуваат 37 степени, додека на повекето места во земјата ќе биде потопло за еден, два степени. Влажноста на воздухот сега е некаде на граница и изнесува 27 отсто во главниот град. Нема уште услови за прогласување портокалова фаза во јули, температурата треба да се зголеми на 41 степен и да трае неколку дена. Проблематично е што минималните  температури се високи и што и во текот на ноќта не доаѓа до поголемо намалување –  еве утринава беа измерени од 18 до 22 степени во Скопје, со тоа што се забележува   дека на повисоките места, како Зајчев Рид, е потопло – објаснува Костадинка Арсовска, дежурен синоптичар во УХМР.

Во главниот град доцна попладне може да има локален пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајна појава на невреме со силен ветер.

За утре во Скопје се најавуваат 35 степени, а на југоистокот од земјата ќе достигнат до 38 степени, а веќе од петок попладне ќе има локален дожд и температурите малку ќе опаднат – в сабота ќе се движат од 29 до 36 степени. Потоа, до вторник се очекува, исто така, многу топло време.

– Дури од идната среда може да очекуваме позначително намалување на температурите – прогнозира Арсовска.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...