Недозволената брзина на движење и нецелосната исправност на сопирачките на автобусот на „Дурмо Турс“ се причините за сообраќајната несреќа кај Ласксрци во која загинаа 15 лица, а над 30 биле повредени, соопшти обвинителот Сашо Рајчев од ОЈО Скопје.
Истрагата утврдила дека во автобусот бил инсталиран и уред за манипулација со технографот кој ја мери брзината на движење.
Скопското обвинителство денеска отвори истрага и приведе шест лица кои се сомничат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Првоосомничен е сопственикот на „Дурмо Турс“ кој е и управител на фирмата. Тој единствен поседувал сертификат, но не го организирал превозот согласно прописите, не водел евиденција, а тоа го препуштил на раководителот на „Дурмо Турс“ кој не поседувал сертификат.
Токму раководителот е второосомничен. Тој овозможил да се инсталира уредот во автобусот со кој се манипулирал технографот, односно мерењето на брзината на движење.
Третиот, четвртиот и петиот осомничен се од фирмата за технички преглед чиј сопственик е првоосомничениот односно газдата на „Дурмо Турс“. Тие каки одговорни за технички преглед и контрола издале документација за исправност на автобусот во двата прегледи, направени во јули и декември лани и покрај тоа што што сопирачките не биле на потребното ниво на исправност.
Шестоосомничен е возачот кој возел над дозволената брзина од 80 километри на час. За време на несреќата тој се движел со 99 километри на час, а го активирал и уредот за манипулација на брзината. Истрагата на скопското обвинителство утврдила оти тој поради брзината изгубил контрола над автобусот, ја пробил заштитната ограда помеѓу двата правци на автопатот и пред да дојде до втората, односно да излета почнал да кочи. Вештачењето на неговиот телефон покажало оти тој не го користел мобилниот за време на несреќата, а здравствената состојба му била во ред, односно таа не влијаела на несреќата.
Сите шестмина утрово се приведени во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка од кого обвинителството ќе бара притвор за сите.
Никој од нив не е испитан, единствено возачот, но тоа беше во текот на предистрагата кога тој не беше осомничен.
Во случајот опфатено е уште едно лице, но за него законски не се предвидува отворање истрага бидејќи се сомничи за делото несовесно работење во службата.
Станува збор за вработен во трета фирма кој издал потврда дека автобусот е техничко исправен. И ова лице се наоѓа во полициска станица, но за него ќе се бара одземање на пасош.