Во светло на немилиот настан што деновиве ја окупира јавноста, а се темели на смртта на младото момче кое им подлегна на повредите предизвикани од ѕверското тепање пред еден месец, без да ги знам деталите за настанот размислувањето ме наврати на почетоците на хулиганизмот во Македонија.
Кога се надѕираше независнота на републиката од СФРЈ, а по теркот на приликите во останатите членки на федерацијата, започна формирањето на првите навивачки групи. Не знам дели е најстара, но секако дека „Комити“ беа најмасовната и најдобро организирана навивачка група во тогашна СР Македонија и Западната трибина на „Градски“ во Скопје беше единственото место каде што јавно можеше да се слушнат пароли кои со себе носеа некаков предзнак на самостојност или самоопределување.
„Комитите“ станаа миленичиња на јавноста, која беше определена за раскусурување со заедницата со останатите југословенски републики и не ретко беа славени како јунаци. При едно одбележување на АСНОМ, „Комитите“ влегоа во физички судир со српската полиција во „Прохор Пчински“ и тогаш тоа беше темелно објавено и во серија расветлувано на Радио-Телевизија Скопје.
Припадниците на „Комитите“ беа многу гласни и кога започнаа немирите во Словенија и Хрватска, носејќи транспаренти на кои стоеше дека во војната гинат само македонски војници, а генералите се Срби итн.
По „Комитите“ на сцена излегоа и „Чкембарите“ како одговор на „скопскиот“ налет на патриотизам, но битолските навивачи својот антагонизам го имаа насочено токму против нив – „Комитите“, што им беше и главната агенда во организирањето на настаните. Паметиме неколку „крвави“ дербија помеѓу Вардар и Пелистер, по што навивачите одеднаш во медиумите станаа хулигани, губејќи го целиот национал-романтичен капитал, што претходно го створија со одбраната на идентитетот и државноста.
Подоцна во нашиот фудбал се појавија голем број на други групи, но најмногу внимание предизвикуваа „Шверцери“ и „Балисти“, поддржувачи на Слога(сега клубот се вика Шкупи) и Шкендија од Тетово.
Национализмот е главното обележје и на овие навивачки групи, кои воопшто не се разликуваат по тоа прашање од „Комитите“.
Бројни се и доказите кои овие хулигански групации ги поврзуваат со претставници на политички партии и полициски функционери. Сетете се само на Јохан Тарчуловски и Артан Груби, но и на голем број на помалку познати функционери, кои во владата и министерствата влегоа директно од стадион.
Хулиганизмот во Македонија е негуван од разни структури долго време и овие групи се своевидни „единици за брзо распоредување“, кога на некого му е потребен проблем во државава. Тие се собираат во најкраток можен рок, ги има во голем број и подготвени се да направат инцидент многу посмел од просечните партиски демонстранти. Така беше при судирот на „Шверцери“и „Комити“ на Кале, кога едните бранеа изградба на црква, а другите не даваа, а уапсените хулигани од полициските сили што интервенираа, јавно беа ослободувани од тогашниот заменик-мистер на МВР; назначен од редовите на ДУИ. Слично беше и на опозициските протести кога со „бомбите“ беа обелоденети детали за смрта на Мартин Нешковски, тогаш „стари“ и добро познати навивачи беа во првите редови на демонстрантите, обидувајќи се да го пробијат полицискиот кордон. Речиси истото сценарио го видовме и при првите организирани протести, мотивирани од договорот за проблемот со името меѓу Македонија и Грција.
Затоа, во моментов не се потребни меѓунационални дијалози и обиди за некакво релативизирање на односите. Потребна е одлучна полициска акција, со цел да се прекинат сите врски помеѓу политиката и хулиганските групи и само така ќе имаме релаксирана атмосфера.
Срѓан Ивановиќ