51 отсто од именуваните лица немаат искуство од областа на работата на институциите. Само 29 отсто од управувачките структури им припаѓаат на жените.
Честит 8 Март.
Системот на негативна селекција триумфира во Македонија, токму пред очите и според волјата на оние кои ветуваа револуција.
Македонија, бирократизирана, клиентелистичка, пренормативна, а сето тоа води кон ендемска корупција. Државата која се контролира, која дели субвенции, е најкорумпирана држава, а во исто време и најскапа, затоа што отвора нови институции и нови министерства. Политиката буквално ја јаде државата и осиромашеното општество.
Авторитарноста лежи токму во преголемата нормативност, во криењето зад позитивните законски прописи, во арбитрарноста, во самоволието и во насилието на политиката.
Земја сме со најголем број министри и советници во целиот регион, па и пошироко, надминувајќи далеку поголеми и побогати земји. Државата и партијата се Левијатан во чии прегратки наоѓа заштита најбројната партизирана администрација во регионот, составена од медиокритети и неспособни апаратчици.
„Нема посурова тиранија од онаа која се врши под заштита од законот и во име на правдата“, ќе напише Монтескје.
Без департизација, илузорно е да се надеваме на владеење на правото, ма каков сака закон да се донесе или реформа на хартија да се напише.
Македонија нема поделба на власта и своите институции не ги зајакнува, за утре ниеден поединец да не може да влијае врз нив, зависно од неговото расположение, еуфорија или посткоитална депресија.
И еве, да се вратам на почетокот. Сиромашна и мала земја како Македонија, не може да си дозволува половина од своите кадри да немаат врска и никакво знаење за работата за која се поставени. Или, пак, 70 проценти од жените да бидат исклучени од раководни позиции.
Разликата помеѓу реалноста и возможното ја прават луѓето. Ваквите жални бројки се производ и зависат единствено од постоечката политичка волја.
Крај на приказната, заклучокот е дека можете да смените, можете да водите подобра кадровска политика, ама едноставно – не сакате.
(ФБ статус на авторот)