Во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, по невремето со интензивен дожд и грмотевици што го зафати скопскиот и други региони во државава, досега пристигнале дојави за поплавени објекти во скопските села Црешево и Стајковци.
– Противпожарни екипи се упатени за интервенција поради поплавени неколку куќи во Црешево и Стајковци – изјави за МИА Ѕвонко Томевски, командир на Бригата за противпожарна заштита на град Скопје.
Невремето, во одредени делови од Скопје предизвика проблеми и во одвивањето на сообраќајот, како и времени прекини на снабдувањето со електрична енергија.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во попладневните часови. Утре се уште локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни, а во вторник и во среда појавата на пороен дожд и грмежи ќе биде поретка и со послаб интензитет.
Во изминатите 24 часа најмногу дожд во земјата наврнало во Куманово 21 л/м2, во Маврово и Ѓуриште 14, во Битола 11, во Пожаране и Претор 10, во Струмица девет, во Прилеп и Скопје – Зајчев рид осум, Дојран и Тетово седум литри на метар квадратен…