Невозможно е недела да биде неработен ден за сите

Во ЕУ не се работи во неделите во девет држави, меѓу кои се: Германија, Австрија, Полска, Словенија. Скандинавските земји, пак, излегоа со иницијатива за скратување на работната недела на 4 работни денови.

4450

Прашањето дали законски треба да се утврди дека недела треба да биде неработен ден или да остане сегашното решение според кое се утврдува еден ден во неделата да биде слободен за работниците се актуелизира во земјава, откако во Црна Гора се воведе неработна недела за трговците, а Србија е во процес на одлучување за неработна недела.

Во ЕУ не се работи во неделите во девет држави, меѓу кои се: Германија, Австрија, Полска, Словенија. Скандинавските земји, пак, излегоа со иницијатива за скратување на работната недела на 4 работни денови. Јапонската влада, пак, одлучи на работниците да им се дозволи пауза за спиење за да бидат попродуктивни.

На мислење дека недела треба да биде неработен ден, а работниците да се плаќаат од час е и вицепремерката за економски прашања Мила Царовска. Таа на партиска трибина на СДСМ во Штип најави дека во Министерството за труд и социјална политика се размислува да се донесе ново законско решение со кое ќе биде решено ова прашање, но и плаќањето по час.

– Недела неработен ден и плаќање по час се новите предизвици на коишто треба да работиме идниот период. За ова ќе мора да дебатираме со бизнис секторот и со синдикатите. Сите заеднички да ја донесеме одлуката што ќе биде најдобра за сите – рече Царовска.

Први реагираа синдикатите кои информираа дека пред една година во процесот на преговори за донесување нов Закон за работни односи побарале законски да се утврди сабота и недела да бидат определени како неработни денови. Ваков предлог веќе доставиле во Министерството за труд и социјална политика што значи дека ќе треба да важи за сите сектори, односно за сите вработени.

– Поаѓајќи од сѐ почестите дискусии за потребата недела да биде неработен ден за сите работници, кои се присутни во светот, а посебно во регионот, како и позитивниот пример од Црна Гора, ССМ е на став дека како неработни денови треба да се третираат сабота и недела, наместо како што тоа е досега регулирано „ден за неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата“ – велат од Сојузот на синдикатите.

Синдикатот на УПОЗ, пак, покрај неработни сабота и недела бараат и намалување на часовите кои работниците ги минуваат на работа во текот на една седмица на 36 часа.

Деновиве и ДУИ предизборно вети дека ќе се заложи во петок да се работи со скратено време до 13 часот.

И додека владата и синдикатот размислуваат на темата недела неработен ден, дел од работодавачите во текстилната индустрија побараа да се работи 8,5 часа без викенди и државни празници. Образложија дека за нив е загуба половина час пауза и дека се подготвени да платат.

Работодавачите, главно, сметаат дека недела не може да биде неработен ден за сите, па затоа треба да се остави на дејностите во зависност од технолошките процеси сами да го уредат тоа со колективните договори и договорите на ниво на работодавач, а да остане актиуелното законско решение.

– И во сегашниот закон е утврдено работникот да има еден слободен ден во текот на седмицата, што значи дека не мора недела како ден да биде и неработен ден. Може да биде понеделник, вторник, среда, ако така се договориле работодавачот и работникот. Исто така е предвидено да се плаќаат дополнителни проценти за работа во недела и во празник, а дали тоа се почитува треба да се праша инспекторатот. Ние како асоцијација сме се обврзале да ги почитуваме правата на работницитеи другите корпоративни права, ако дел од работодавачите не го почитуваат тоа треба да бидат контролирани и санкционирани со високи казни – вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

Според него, работодавачите треба да се прашаат пред да се донесе ново законско решение, а тие ќе образложат зошто повеќе треба да се внимава на спроведување на законите и контролата отколку на нелогични иницијативи кои не соодветствуваат ниту на нашата економија, ниту на менталитетот, а уште помалку ја имаме тамошната продуктивност, кои, како што вели, не се на ниво на скандинавските земји.

За работниците посебно во трговијата, текстилната индустрија и градежништвото каде што се работи и во сабота и во недела кои не добиваат прекувремени часови, ниту пак седмичен одмор, добро е да се реши недела да биде неработен ден за сите, но како што велат, прифаќаат да работат во недела, ама тоа да се плати како што треба.

– Работам седум дена во неделата. Велите имам право на еден ден одмор. Го знам тоа, ама кој да му каже на газдата дека или треба да ми даде слободен ден или треба соодветно да ги плати часовите кои се плус од 40-часовна работна недела. Но тоа го нема кај нас, затоа сметам дека е добро да се определи кој ден ќе биде ден за одмор во текот на една семица – вели работничка во продавница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...