Невладините бараат истрагата за бегството на Груевски да заврши за 10 дена и да се лоцира одговорноста

343

Најостро ја осудуваме неажурноста на институциите во спроведувањето на истрагите поврзани со утврдување на пропустите и одговорноста за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, реагираат невладини организации.

– Бараме истрагите итно да завршат, и тоа во рок од 10 дена, и да се утврди одговорност за пропустите, евентуалното непостапување или соучество. Во спротивно ќе бараме политичка одговорност на највисоките функционери. Апелираме да не се подрива ЕУ перспективата на Македонија, која зависи од владеењето на правото. Потсетуваме дека избегнувањето на правдата ја урнисува надежта на граѓаните во демократијата, за која народот се бореше со години – соопштија невладини организации.

Од таму потсетуваат дека поминале повеќе од две седмици од објавувањето на нивната прва реакција во која побарале итно покренување истраги како и утврдување на фактичката состојба и пропустите кои доведоа до тоа Никола Груевски, најпознатиот осуденик на Балканот, да стане најпознат бегалец во регионот гладен за правда. Непреземањето на никаква одговорност и покрај индициите за сериозни пропусти и непочитување на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и Министерството за внатрешни работи, ги зголемува сомнежите дека не постои волја за утврдување на вистината. Со тоа повторно влегуваме во волшебниот круг на одржување на културата на неказнивост.

Бидејќи речиси три седмици по бегството не е утврдена одговорност, ние долупотпишаните граѓански организации бараме во наредните 10 дена, односно со истекувањето на еден месец од настанот, да бидат дадени одговори околу случувањата поврзани со бегството на осуденикот Никола Груевски.

– Истрагите кои недозволиво се одолговлекуваат предизвикувајќи зголемена недоверба на граѓаните во системот е потребно итно да завршат. Мора да се поведат постапки за утврдување одговорност и санкционирање на лицата чии пропусти, евентуално непостапување или соучество го овозможиле бегството! Доколку правната одговорност изостане, тогаш дополнително би се зајакнала културата на неказнивост што во следна фаза би повлекло и наши барања за политичка одговорност на највисоките функционери кои ги предводат институциите чии пропусти го овозможиле бегството.

Со пропустите, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Јавното обвинителство и останатите институции директно ги подриваат перспективите на Република Македонија за добивање на датум за преговори со Европската Унија во јуни 2019 година. Заклучоците од јуни годинава, недвосмислено укажуваат дека владеењето на правото и спроведувањето на правдата се услов за добивање датум за почеток на преговори. Со оваа постапка, членките на ЕУ кои се колебаат околу проширувањето добиваат нови против-аргументи за случајот на Македонија.

Избегнувањето на правдата од страна на криминалците ја урнисува надежта на граѓаните кои кои се гладни за правда и одговорност. Тоа го зголемува цинизмот и претставува најголем пораз за возобновениот демократски ентузијазам кој доведе до демократски промени во Македонија. Нема функционална демократија без надеж за промени. Цинизмот создава плодна почва за појава на демагогија, десничарски популизам и недоверба во демократијата. Влогот во оваа работа е затоа многу поголем од судбината на еден осуден криминалец од висок ранг, стои во соопштението зад кое потписници се  Хелсиншки комитет за човекови права. Фондација Отворено општество- Македонија, Институт за демократија Социетас цивилис- Скопје, Евротинк,
Центар за економски анализи, Mетаморфозис, Македонско здружение на млади правници, МОСТ, Коалиција сите за правично судење, Коалиција Маргини, Институт за европска политика, Институт за човекови права, НВО Инфоцентар и Младински образовен форум.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...