Неверојатната приказна за заговорот против Џорџ Сорос

Двајцата мажи ги собраа сите аргументи против Сорос, и од Исток и од Запад, и од левицата и од десницата, и ги споија во едно. Двајца американски Евреи, еден од нив висока фигура во политиката во САД, помогнаа да се создаде монструм.

4755

Стаклената кула во која се канцелариите на Џорџ Сорос во Менхетн е преполна со екрани што ги следат и ги предвидуваат насоките на берзите низ светот. Но, има еден што е особено тежок да се разбере – обична портокалова фигура на екран што го анализира одразот на социјалните медиуми.

Податоците, кои се обновуваат редовно уште од 2017 година, се проекција на реакциите на интернет на името Џорџ Сорос. Го спомнуваат по десетици илјади пати секоја недела – речиси секогаш негативни, некои очигледно дело на мрежи од ботови. Сорос е чисто зло. Шверцер на дрога. Профитер. Екстремист. Конспиратор. Нацист. Евреин. Тоа е приказ на чиста омраза.

Демонизацијата на Сорос е еден од главните одлики на современата глобална политика и таа е, со неколку исклучоци, пакет од лаги. Сорос навистина е Евреин. Тој беше агресивен трговец на берзите. Тој ги поддржа демократите во САД и идејата на Карл Попер за „отворено општество“ во поранешниот комунистички блок. Но, многуте диви теории што се шират, кои ги вклучуваат тврдењата дека тој помогнал да се собори Советскиот Сојуз со цел да се отвори пат до Европа за Африканците и за Арапите, би биле смешно луди, да не беа толку вирални.

Сорос и неговите помошници поминале часови прашувајќи се: Од каде сѐ ова пристигна? Само неколкумина го знаат одговорот.

Двајцата Американци што го ставија Сорос во кланица

Едно сончево утро минатото лето, еден од нив можеше да биде најден во огромното бифе во хотелот „Вестин гранд“ во Берлин. Џорџ Бирнбаум има стас на маратонец – висок и тенок, со уредно избричени брада и глава. Очила со елегантна рамка ги врамуваат неговите сини продорни очи.

Бирнбаум – политички консултант што работел во САД, Израел, Унгарија и низ Балканот – се согласи да зборува првпат за својата улога во создавањето на бабарогата Сорос, што заврши со глобален бран антисемитски напади врз милијардерот-инвеститор. Тој исто така сакаше да го брани своето дело и она на својот поранешен ментор и пријател, Артур Финкелстајн.

Џорџ Ели Бирнбаум бил роден во 1970 година во Лос Анџелес, каде што неговото семејство се преселило откако побегнало од нацистичка Германија. Неговиот дедо бил стрелан од нацистите пред сопствениот син, таткото на Бирнбаум, кој подоцна го преживеал и Аушвиц. Антисемитизмот го следел семејството кога се преселило во Атланта, каде што Бирнбаум израснал и каде што училиштето во кое учел често пати било вандализирано со антисемитски напади. Тоа оставило белег.

Во ерата кога многумина американски Евреи се оддалечувале од својот специфичен идентитет, на Бирнбаум не му било дозволено да го заборави. Секој викенд татко му му го давал „Џерусалим пост“.

– Прво учи што се случува со еврејскиот народ низ светот, а потоа можеш да се грижиш за остатокот од светот – се сеќава Бирнбаум на зборовите од својот татко. Тој израснал верувајќи дека само со силна нација, државата Израел, може да ги заштити Евреите од втор холокауст.

Поради сето тоа, бизарно е што идеите на Бирнбаум и Финкелстајн проширија нов бран антисемитизам, и што тие го направиле во служба на авторитарен лидер, унгарскиот премиер Виктор Орбан, познат низ светот поради своите екстремно десничарски ставови. Двајцата мажи ги собраа сите аргументи против Сорос, и од Исток и од Запад, и од левицата и од десницата, и ги споија во едно. Двајца американски Евреи, еден од нив висока фигура во политиката во САД, помогнаа да се создаде монструм.

Бирнбаум не ја цени иронијата, но не се сомнева дека имал клучна улога во наоружувањето на антисемитизмот. А тоа го направил со ставањето на Сорос во кланица.

Почнувајќи од 2008 година, Бирнбаум и Финкелстајн тајно работеле на изборот на Орбан. Нивната победа во Унгарија – далеку од интензивниот политички вид на Западна Европа – покажа дека создавањето надворешен непријател може да донесе успех во модерната ера. Тоа ѝ дозволи на Унгарија да се роди нејзиниот „Трамп пред Трамп“, како што кажа Стив Бенон.

Делото на Бирнбаум и на Финкелстајн отвори нов модел за напаѓачка политика во оваа ера на глобална поделба. Тие изработија оригинален план за користење на овие поделби, кој се покажа делотворен во многу различни земји и контексти, и кој помогна за создавање еврејски непријател што екстремната десница го искористи до уништувачки ефект. Во 2016 година, кога Трамп ја пушти на телевизија својата последна реклама спроти изборите, не беше изненадување кога Сорос беше прикажан како член на „глобалните специјални интереси“, кои „не ви мислат добро“.

За да може да го разберете Бирнбаум, мора да погледнете наназад, низ бруталната израелска политика во деведесеттите години, до Вашингтон во седумдесетите, кога новата професија позната како политички консултант беше свеж пакет од алати за доведување луѓе на власт. Таму ќе го пронајдете Финкелстајн, духовниот татко на Бирнбаум.

Методот на Финкелстајн – демонизирај го непријателот

Почнувајќи од доцните шеесетти години, Финкелстајн бил еден од малкутемина што одново ја измислуваа индустријата на политички консултант во Њујорк. Тој потоа им помогна на претседатели и на сенатори, беше пионер на „стилот на касапење“ во телевизиските реклами и изгради цела генерација следбеници.

Финкелстајн не е познат колку современикот Роџер Ејлс, но тој е скриената врска што се протега низ современата Републиканска партија, водејќи од либертаријанската икона Ејн Ренд до цинизмот на Ричард Никсон и конечно до Трамп. Финкелстајн беше дете од Њујорк. Син на таксист, се сретнал со Ренд кога бил студент во универзитетот Колумбија во раните шеесетти. Тој подоцна работел како компјутерски програмер на Вол стрит, пред да стане ран експонент на уметноста на анкетите, кон крајот на таа деценија.

Тоа беше времето кога Финкелстајн почнал да го развива политичкиот метод што сега се смета како прирачник за модерниот десничарски популизам. Појдовната точка на Финкелстајн била едноставна: Сите избори се решени уште пред да почнат. Повеќето луѓе знаат за кого ќе гласаат, што поддржуваат и кому му се спротивставуваат. Мошне е тешко да ги убедите во спротивното, верувал Финкелстајн. Многу полесно е да ги деморализирате луѓето, отколку да ги мотивирате. И најдобар пат до победата е да се деморализираат симпатизерите на вашиот противник. Токму тоа Трамп го направи против Хилари Клинтон и тоа го мислеше кога по изборите им се заблагодари на црните Американци што не гласале.

Финкелстајн долго време ги проучувал големите политички трендови и се задржал на едноставните точки што можеле да направат најголема штета. На крајот, забележал, остануваат истите грижи: дрогата, криминалот и расата. Тоа се точките што ја создаваат најголемата политичка поделба, запишал во белешка до Белата куќа на Никсон во 1970 година.

Целта на Финкелстајн била да го поларизира електоратот што е можно повеќе, во ровови едни против другите. Горивото: стравот. „Опасноста мора да биде претставена дека доаѓа од левицата“, бил советот за Никсон од 25-годишниот Финкелстајн.

Оној што нема да удри прв ќе биде поразен, тврдел тој. А Финкелстајн ги направил работите лични. На секоја кампања ѝ е неопходен непријател за да биде победен. Тој ја развил негативната кампања во техника што ја нарекувал „гласање на отфрлачите“ – да се демонизира непријателот толку многу, што дури и најмрзливите гласачи би сакале да излезат и да гласаат, само за да го отфрлат.

Финкелстајн исто така ги советувал своите клиенти да не зборуваат за себе си, туку да ја фокусираат кампањата на уништување на своите противници. Тој станал озлогласен поради тоа што направил зборот „либерал“ да звучи грдо. Во телевизиските кампањи што во деведесеттите години никој Американец не можел да ги избегне, противниците биле опишувани како „ултралиберални“, „лудо либерални“, „засрамувачки либерални“ или како „предолго прелиберални“. Водачите на кампањите ја нарекле неговата идеологија „Финкелтинк“. Таа била едноставна, но ефикасна. Пријателите на Финкелстајн често пати тврделе дека никој друг не е заслужен за избор на повеќе политичари од него.

Од време на време, неговата работа ја обвивале контроверзи. Во осумдесеттите, кога работел за републикански кандидат, тој бил критикуван поради анкетирање гласачи за да види што мислат за еврејскиот идентитет на демократскиот противник.

До времето на својата смрт во 2017 година, Финкелстајн оставил неизбришлив печат врз националната политика, работејќи за Бери Голдвотер, Ричард Никсон и за Роналд Реган. Додека работел како централен член на кампањата на Реган во 1988 година, се појавила необична пропагандна порака: „Да ја направиме Америка повторно велика“.

Тој наводно имал некоја работа за Организацијата Трамп во средината на првата деценија од овој век, а потоа говорел за „вџашувачката“ моќ на ликот на Трамп. Кога Трамп конечно се кандидираше за претседател, неговиот штаб бил наполнет со „децата на Артур“ и пријатели: Лери Вајцнер, Тони Фабрицио и неговиот стар пријател Роџер Стоун.

Победата на Нетанјаху го направи Финкелстајн ѕвезда

Бирнбаум бил еден од децата на Артур. Откако дипломирал на Флоридатек во раните деведесетти години, тој прво дошол во орбитата на Финкелстајн во Вашингтон, кога овој работел во Националниот републикански сенаторски комитет. Работата на Бирнбаум била да му ги носи на Финкелстајн најновите резултати од анкетите секое утро. Сѐ што правел Финкелстајн било базирано на анализа на анкетите, запомнил Бирнбаум, кој смета дека никој друг не можел подобро од Финкелстајн да ги забележува шемите. Бирнбаум бил зашеметен од мозокот и „осетот“ на Финкелстајн. Но, тој го открил и другиот Артур.

За надворешниот свет, Финкелстајн останал загатка, стратегот што работел за десницата. Но, приватно тој бил пријателски, забавен, брилијантен и непретенциозен маж, полн со анегдоти од најтесните кругови на моќта. Одгледан во еврејско семејство во Квинс, тој правел шеги за правилата за кошер. Бил „сезнајко“ со полн џеб пенкала и белешки во сината кошула.

Во вообичаено стегнат свет на политиката, Финкелстајн ја држел својата вратоврска разлабавена и често пати можеле да го забележат како по чорапи шета низ канцеларијата. Тој можел да го прави тоа, бидејќи го сметале за десната страна на мозокот на десничарите. Финкелстајн еднаш му кажал на пријател дека шефот на штабот на Реган писмено му се заблагодарил поради „носењето чевли поголемиот дел од времето“ во Овалната соба.

Пасија на Финкелстајн му биле изборите. Политиката го потсетувала, како што им кажал на студенти во Прага, на брановите на плажа што изгледаат дека се исти, но со време се секогаш различни. Неговата љубов, сепак, била резервирана за неговите две ќерки, и – за маж. Финкелстајн, кој им помогнал на радикални републикански геј-хејтери да бидат избрани, самиот бил геј. Во 2004 година се оженил со својот партнер со кој бил 40 години и останале заедно сѐ до смртта на Финкелстајн.

Една година откако Бирнбаум првпат го сретнал Финкелстајн, тој удрил во него во некој ходник во Националниот конгрес на републиканците. Му кажал дека сакал да работи за него, да прави анкети за него. И дека говори хебрејски, исто така, ако некогаш има проект во Израел.

Убиството на израелскиот премиер Јицак Рабин на 4 ноември 1995 година било точка на пресврт во земјата, но и за Финкелстајн и за Бирнбаум.

Кога набрзина биле организирани избори за негов наследник, нов човек ја фрлил својата шапка во рингот. На Бенјамин Нетанјаху, десничарски поранешен корпоративен консултатнт, не му давале големи шанси. Тој се тркал со Шимон Перес, легендарна фигура, социјалдемократ од генерацијата на основачи на Израел, и кој сакал да го продолжи мировниот процес што го почнал Рабин и кој повеќето луѓе се надевале дека ќе продолжи.

Израелците првин се потсмевале на амбициите на Нетанјаху и анкетите покажувале дека заостанува за 20 отсто. Но, одненадеж партијата Ликуд на Нетанјаху ја облепила земјата со плакати. „Перес ќе го подели Ерусалим“, бил слоганот, иако Перес немал таква намера. Слични напади против Перес почнале и на телевизијата, на радиото и во печатот.

Во последната телевизиска дебата, Перес стапнал во замката што му ја поставил Финкелстајн. Првата работа била да се обиде да расчисти дека немал желба да го подели Ерусалим, со што се фатил во замката. Од тој момент Нетанјаху господарел со дебатата.

На изборниот ден, трката помеѓу Перес и Нетанјаху изгледала неизвесна. Во околу 22 часот телевизиските станици објавиле тесна победа за Перес, врз основа на раните проекции на гласовите. Според биографијата на Нетанјаху, тој го грабнал телефонот и го повикал „Артур“ – својот таен шеф на кампањата. Финкелстајн бил во Њујорк, но веднаш одговорил и му кажал на Нетанјаху да не се грижи. „Секогаш победувам тесно“.

Kога пристигнале конечните резултати, Нетанјаху бил новиот премиер: 50,49 отсто наспроти 49,51 отсто.

Победата на Нетанјаху го направила Финкелстајн ѕвезда. Тој „засекогаш ја смени кампањата“, забележа весникот „Харец“. Оваа формула може да проработи и надвор од Северна Америка. По ова, експертизата на Финкелстајн станала многу барана.

Изборното ремек дело на Финкелстајн и Бирнбаум во Унгарија

Во 1998 година Бирнбаум добил повик. Тоа бил Финкелстајн, кој прашувал дали може да работи за партијата Ликуд во Израел, што било остварување на сонот за Бирнбаум. Таму двајцата станале тим, со Финкелстајн како капетан, а Бирнбаум како прв офицер. Додека Финкелстајн патувал од Њујорк до Израел, Бирнбаум чувал стража во Израел, каде што станал шеф на кабинетот на Нетанјаху, организирајќи ги неговите појавувања, претставувајќи го пред печатот, па дури некогаш и чувајќи ги неговите деца како бебиситер.

Триумфот во Израел го одбележал почетокот на нова ера. Тогаш Финкелстајн се свртел кон Европа и уште потесно соработувал со Бирнбаум. Од 2003 година, двајцата заедно работеле како глобални политички консултанти, применувајќи ја формулата на Финкелстајн во Источна Европа и на Балканот, почнувајќи од успешните изборни кампањи во Романија и во Бугарија.

Изборното ремек дело на Финкелстајн и Бирнбаум беше создадено во Унгарија и ќе има последици низ целиот свет. Почна во 2008 година, кога Орбан реши да биде реизбран. Неговиот стар пријател Биби – како што е познат Нетанјаху – го претстави до двајцата што би го воделе до успех. Не чекајќи многу, Финкелстајн и Бирнбаум ја применија нивната формула врз изборната кампања на Орбан, и вклучија во турбо погон. Непријатели лесно можеа да се најдат во Унгарија.

Земјата беше случај на економска корпа и мораше да биде спасувана во 2008 година. Кредиторите во Светската банка, ЕУ и во ММФ бараа мерки за штедење. Финкелстајн и Бирнбаум му порачаа на Орбан да се насочи кон „бирократите“ и кон „странскиот капитал“.

Орбан победи на изборите во 2010 година со двотретинско мнозинство, додека земјата скршна кон десно. Бирнбаум и денес е воодушевен колку лесно поминало: „Ги одвеавме социјалистите од масата уште пред да почнат изборите“.

Бирнбаум и Финкелстајн, сега дел од внатрешниот круг околу Орбан, се соочија со проблем. Кога задоволниот победник на изборите почна да го менува Уставот, повеќе немаше противници. „Немаше реален политички непријател. Немаше со кого да се бие битка“, се сеќава Бирнбаум. Ултрадесничарската партија Јобик и Социјалистичката партија беа совладани, остатоците беа во парчиња.

„Имавме актуелен лидер со историски рекордно мнозинство, нешто што не се случило во Унгарија никогаш порано“. За да се задржи тоа, потребна беше „енергија на високо ниво“, вели Бирнбаум.

„Мора да ја држите базата полна со енергија, за да се обезбедите дека на изборниот ден тие ќе имаат причина да излезат и да гласаат“, вели тој. Им било потребно нешто моќно, како „Да го изградиме ѕидот!“ на Трамп.

– Ако непријателот нема лице, секогаш помага да ги мобилизирате трупите и популацијата – објаснува Бирнбаум.

Артур секогаш велеше дека не се борите против нацистите, туку против Адолф Хитлер. Не против Ал каеда, туку против Осама бин Ладен. Кој можеше да биде тој непријател во Унгарија сега кога Орбан беше на власт и кога сакаше да ја задржи?

Орбан беше зафатен во создавањето нова, подраматична приказна за нацијата. Унгарија, која соработувала со нацистите, беше отсликана како жртва, опкружена од надворешни непријатели, под постојана опсада, прво од Отоманците, а потоа од нацистите и подоцна од комунистите. Мисијата на Унгарија беше јасна: да се одбрани од непријателите и да го зачува христијанството од надоаѓачките секуларни сили и исламот.

Сорос – перфектен непријател

Во оваа ситуација, Финкелстајн добил идеја. Што ако се крене велот на конспирацијата и се појави таинствена фигура што контролира сѐ? Господарот на куклите. Некој што не само што го поседува големиот капитал, туку е и негово отелотворение? Вистинска личност. Унгарец. Чуден, но познат.

Тој лик бил Сорос, му кажал Финкелстајн на Бирнбаум.

Бирнбаум бил вџашен: Сорос бил идеалниот непријател.

Во почетокот, речиси и да немало смисла. Зошто да се води кампања против некој што не е политичар? Иако бил роден во Унгарија, Сорос не живеел таму со години. Бил старец, познат низ земјата како патрон на граѓанското општество. Ја поддржувал опозицијата против комунистите пред падот на Железната завеса и потоа финансирал училишни оброци за деца. Во Будимпешта го изградил еден од најдобрите универзитети во Источна Европа.

Дури и Орбан добивал пари од Сорос: кога бил во опозиција, неговата мала фондација Сазадвег објавувала критички весници, создадени на копир-апарат за кој платил Сорос. Орбан бил еден од речиси 15.000 студенти што добивал стипендија од фондациите Отворено општество на Сорос. Благодарение на Сорос, Орбан студирал философија на Оксфорд. Двајцата се сретнале еднаш, кога Сорос дошол во Унгарија во 2010 година по излевањето на отровниот отпад за да даде 1 милион долари во фондови за итна помош.

Навистина изгледало дека нема причина некој да се сврти против него во Унгарија.

Но, Финкелстајн и Бирнбаум виделе нешто во Сорос што ќе го направи перфектен непријател. Има долга историја на критики на Сорос, уште од 1992 година, кога Сорос преку ноќ заработи 1 милијарда долари, обложувајќи се против британската фунта. За многумна во левицата, Сорос бил стрвинар. Но, Сорос ја употреби својата ненадејна проминенција за да се бори за либерални идеи. Тој поддржал сѐ за што десницата била против: заштитата на природата, еднаквоста, Клинтонови. Се спротивстави на втората војна во Ирак во 2003 година, дури и го спореди Џорџ Буш со нацистите и стана голем донатор на демократите. Наскоро беше најомразена фигура за републиканците.

Но, тоа не е сѐ. Финкелстајн и Бирнбаум ја прошириле својата работа кон земјите во кои Фондацијата отворено општество настојуваше да изгради либерални локални елити и движења за граѓански права. Украина, Романија, Чешка, Македонија, Албанија. Бирнбаум верувал дека Сорос се залагал за „социјализам што е лош за тие региони“. Финкелстајн бил попрактичен во спротивставувањето кон Сорос, кого едноставно го сметал за средство за остварување на целта: Ништо емотивно.

Двајцата консултанти брзо го убедлиле Орбан да тргне против Сорос. Унгарскиот премиер имал „огромна доза доверба кон интелектот на Артур“, вели Бирнбаум. Антисорос кампањата била корисна за Орбан, и тоа не само на домашната сцена. Се покажа дека ги задоволила и неговите руски соседи. Путин се плашел од таканаречените обоени револуции, како онаа во Украина или Арапската пролет, па почнал да ги напаѓа Сорос и неговата поддршка на либералната кауза.

Она што двајцата го направија за Орбан сега е дел од политичката легенда на Украина. Финкелстајн има реноме на митска фигура, не само поради тоа што Орбан речиси и да не ја спомнал во јавноста неговата улога. Неговите претставници не одговориле на барањата да говорат за Финкелстајн и Бирнбаум.

Бирнбаум е слично молчелив за деталите за тоа што направиле за Орбан. Не сака да дискутира дали тие ги смислиле слоганите или само едноставн концепти ни колку контрола имале врз самата кампања.

Кампањата на Орбан против Сорос

Jавната кампања против Сорос почна на 14 август 2013 година, речиси девет месеци пред изборите. Почна релативно тивко, со напис во провладиниот весник „Хети валас“ во кој се напаѓаат невладините организации за кои е посочено дека се контролирани од Сорос.

Потоа, унгарската влада тргна против еколошката организација Окотарс, која наводно била контролирана од Сорос, а која била финансирана од Норвешка и од Швајцарија. Полицијата упадна во канцелариите и заплени компјутери, а властите отворија истрага за активностите. Унгарските истражители останаа со празни раце – но се успеа да се прошири митот на таинствена мрежа на странски невладини организации водени од Сорос.

Орбан и неговиот тим не запре тука. Во 2015 година, мигрантската криза во Европа, делумно поттикната од војната во Сирија, ги охрабри националистите низ континентот. Па, кога Сорос тврдеше дека ЕУ треба да развие „заеднички план“ за третман на бегалците и да се подготви за милион азиланти годишно, тоа стана добредојдена цел за тимот на Орбан. На 30 октомври 2015 година Орбан одржа говор во кој истакна дека Сорос сака да ја ослаби земјата и да ја преплави со бегалци.

Следеа тешки и брзи напади. Секоја организација што кога било добила пари од Фондацијата отворено општество беше насликана како „контролирана од Сорос“. Вработените во невладините организации беа опишувани во провладиниот печат како „платеници“ финансирани од странски сили. Сето тоа беше направено со серии сензационалистички написи и официјални одговори од членови на владата.

Кулминацијата дојде во јули 2017 година, кога целата земја беше облепена со реклами на кои беше ликот на Сорос и слоганот: „Не дозволувајте Џорџ Сорос последен да се смее!“.

Слоганот „Стоп Сорос“ беше повторуван бескрајно, насекаде. Манипулирани фотографии го прикажуваа како чекори рака под рака со сојузниците преку ограда, оградата на Орбан, конструирана за да ги запре бегалците да не влегуваат во Унгарија. Орбан тврдеше дека Сорос задржал мафијашка мрежа.

Во есента 2017 година администрацијата спроведе „национални консултации“. Милиони жители добија прашалници, во кои требаше да се изјаснат дали го поддржуваат „планот на Сорос“ да се дозволи по милион луѓе од Африка и од Блискиот Исток секоја година да влегуваат во Европа.

Тоа имаше ефект. Огромен дел од земјата се сврте против Сорос. Орбан победи во 2014 и во 2018 година, и два пати со огромно мнозинство.

Сорос падна во замка. „Перфектниот непријател е оној што можете да го удирате и да го удирате, а тој не може да врати“, вели Бирнбаум. Ако Сорос возврател, само ќе им бил од корист, потврдувајќи дека има моќ и влијание, вели Бирнбаум. Сорос и Фондацијата отворено општество се обидоа да возвратат на обвинувањата и нападите, па дури и ја тужеа Унгарија пред Европскиот суд за човекови права, но не можеа да влезат во политичката арена. Би било незамисливо 87-годишниот Сорос да се трка со Орбан. „Господинот Сорос не е политичар“, вели неговиот асистент.

Кампањата стана антисемитска и глобална

Наспроти сѐ што следуваше, Бирнбаум е горд на кампањата против Сорос. „Сорос беше перфектен непријател. Тоа беше толку очигледно. Тоа беше наједноставниот од сите производи, само требаше да го спакувате и да го продавате“.

Производот беше толку добар, што се продаде и стана глобален. Во 2017 година Италијанците почнаа да зборуваат за бродови со имигранти финансирани од Сорос што доаѓаат на бреговите. Во САД некои луѓе сметаа дека Сорос е зад карванот мигранти што тргна од Централна Америка. Полски пратеник го нарече Сорос „најопасниот човек во светот“. Путин говореше во негативен контекст за Сорос на прес конференцијата по самитот со Трамп во Хелсинки. Трамп дури тврдеше дека демонстрациите против кандидатот за Врховниот суд, Брет Кавано, биле спонзорирани од Сорос.

Работата на Финкелстајн и Бирнбаум во Унгарија денес одекнува насекаде. Бирнбаум ги отфрла тврдењата дека водел кампањи против Сорос надвор од Унгарија. Но, веројатно тоа не било ни потребно. Секој можел да ги земе идеите и да ги примени. Финкелстајн и Бирнбаум од Сорос направиле меме. Десничарските сајтови како „Брајтбарт“, или „Раша тудеј“, контролирана од Кремљ, едноставно можеле да ја усвојат унгарската кампања, да ја преведат на други јазици и да ја потхранат со локални аргументи. Ако десничарските движења денес сакаат да водат кампања, тие може да земат материјали за Сорос од интернет. Антисороскиот материјал е глобализирано, слободно достапно и применливо оружје од отворен извор. Бирнбаум вели дека тоа е заедничкиот именител на националистичкото движење.

Кампањата на Орбан против Сорос всушност никогаш не го употреби зборот Евреин, но тоа честопати е сугерирано. Орбан му кажа на својот народ дека тие ќе се борат со „непријател“, кој е „различен“ и кој нема „дом“. Вообичаено е да се видат антисемитски графити на рекламите „Стоп Сорос“ – гласачите знаат што им се кажува.

Финкелстајн и Бирнбаум создадоа Франкенштајн, кој доби живот на интернет. Во таа каша се и незадоволството од неговиот напад врз комунизмот и тврдењата дека е комунист, и антиеврејските мрморења и обвинувањата дека е нацист, а над сѐ старата мешавина на европски антисемитизам.

Ако денес пребарувате за Сорос, веднаш ќе најдете слики на неговата глава со пипала од октопод, уште еден класичен антисемитски мотив. Дури и Јаир, синот на Нетанјаху, во 2017 година објави антисемитска порака на која се прикажани Сорос и рептилијанци како го контролираат светот.

Членовите на еврејската заедница во Унгарија во 2017 година почнаа да протестираат против кампањата „Стоп Сорос!“. Израелскиот амбасадор ја осуди. Кога Золтан Радноти, истакнат унгарски рабин, дозна дека кампањата ја водат двајца членови на еврејската заедница, беше шокиран.

Антисемитизмот што се прошири од кампањата против Сорос не е толку изненадувачка, дури и ако Финкелстајн и Бирнбаум не ја направиле со намера. Тие споиле антички теми и модерни грижи со комуникациска технологија од 21 век. Што е новото: Тие го претвориле Сорос во централен политички непријател. Обвинувањата дека е одговорен за антисемитизам го боли Бирнбаум. Тој едноставно не го гледа тоа. Решил да проговори пред сѐ поради тоа што сака да ги отфрли. Тој, покрај сѐ, е посветен Евреин и член на многу проеврејски организации.

„Ни секунда не помислувавме на тоа дека Сорос е Евреин“

– Кога ја планиравме кампањата, ни секунда не помислувавме на тоа дека Сорос е Евреин – вели тој. Бирнбаум тврди дека тогаш и не знаел и дека никогаш не соработувал со антисемитисти.

Пред да соработува со Орбан, тој проверил кај информирани кругови во Израел што чувствува Орбан за Евреите. Не слушнал ништо што би го попречило. Напротив, вели тој, Орбан се борел против антисемитизмот и дури на својата прва ќерка ѝ дал еврејско име „Рахела“.

„Наспроти сѐ, зарем не можам да напаѓам некого поради тоа што е Евреин?“, прашува Бирнбаум.

Каква и да била нивната намера, навредите против Сорос се зголемија, некогаш дури и со фатални последици. Во октомври 2018 година, симпатизер на Трамп испрати пакет-бомба на адресата на Сорос. Пет дена подоцна, вооружен маж упадна во синагога во Питсбург, убивајќи 11 луѓе. Напаѓачот се сметал себе си за дел од борбата против еврејскиот заговор, за кој сметал дека ја финансира масовната миграција, и на социјалните медиуми зборувал против карванот и против Сорос.

На прашањето дали кампањата против Сорос во Унгарија го поттикнала овој антисемитизам, Бирнбаум признава дека ако се исклучи ползата, „навистина изгледа лошо“, но во тоа време било правилна одлука да се напаѓа Сорос.

Неколку месеци по средбата во Берлин, Бирнбаум го посетил Хотелот на Трамп во Вашингтон, каде што пријател, поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Кори Левандовски, ја промовирал својата нова книга „Непријателите на Трамп“. Пристигнала и Келиен Конвеј. Се служело кавијар, од по 100 долари за унца. Бирнбаум разговарал со другите гости и нарачал московски мул.

Дали го сменил ставот за кампањата за Сорос? Жали ли?

– Антисемитизмот е нешто вечно, неизбришливо – вели Бирнбаум.

„Нашата кампања не направи антисемитист никого што веќе не бил тоа претходно. Можеби само нацртавме нова цел, не повеќе. Би го направил тоа пак“.

(Ханес Грасегер, за швајцарскиот неделник „Дас магазин“, пренесено во „Базфид“. Авторот е швајцарски економист и експерт за информатичка војна, најдобро познат по почетокот на дискусијата за Кембриџ аналитика. Тој е новинар за технолошки теми во „Дас магазин“.
Преводот на овој текст е на Митко Билјановски од „Слободен печат“, а опремата е редакциска.)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...