На 8 септември ќе се одржи 33. Охридски атлетски маратон што традиционално се трча по повод Денот на независноста. Меѓународниот атлетски маратон ќе се трча на 30 километарската патека од Свети Наум до Охрид, а од оваа година за прв пат ќе се реализира и штафетна трка во три делници од по десет километри. Првата делница завршува во селото Трпејца, втората кај населбата Лагадин и третата делница завршува до целната линија на кејот „Македонија“ во Охрид.
Пријавувањето за годинешниот Охридски атлетски маратон е започнато и ќе трае до 5 септември, а подигнувањето на стартните пакети за сите пријавени ќе се одржи на 7 септември во Спортската сала „Билјанини Извори“.
Сите податоци околу котизацијата, стартните пакети и наградниот фонд може да се најдат на интернет страницата www.smartrace.club. Котизацијата за сите учесници на маратонската трка изнесува 900 денари и 2.250 денари за штафетната трка. За членовите на Интернационалната полициска асоцијација цените се 600 денари за маратонската трка со 1800 денари за штафетната трка.
Охридскиот атлетски маратон со меѓународен карактер е еден од најстарите атлетски манифестации на нашите и пошироките простори. Маратонот во континуитет се одржуваше од 1976 година до 1993 година. Оваа спортска манифестација започна од општински и прерасна во сојузен и меѓународен Атлетски маратон со постојан пораст на број учесници.
Иницијативата за организирање на Охридскиот атлетски маратон ја покрена Живко Стојчевски, кој во 1976 година со помош од тогашната спортска асоцијација „Софка“ ја организираше атлетската трка со само четворицва учесници од Охрид. Стојчески беше дел од маратонците и тогашен победник, а до денес е најтрофејниот учесник на овој маратон.
Охридскиот атлетски маратон редовно се одржуваше до 1993 година и беше организиран на 7 Ноември како спортски настан по повод Денот на ослободувањето на Охрид. После десетгодишна пауза, а по иницијатива на покојниот проф. Влатко Димитров и другите членови од сегашниот организационен одбор, во 2004 година беше обновен, со што продолжи традицијата на оваа голема атлетска трка.