Јубилејот 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија ќе се одржи во катедралниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид на 27 мај, одлучи Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Владата на Република Македонија формира работна група за утврдување на програма за одбележување на јубилејот 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија од страна на државата, со претставници од следните институции: Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Министерството за култура, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Службата за општи и заеднички работи, Музејот на Македонија, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, општина Охрид, Македонска филхармонија и Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“.