На 100 години, почина академик Ѓорѓи Филиповски, еден од основачите на МАНУ

Филиповски, заедно со Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, се членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ, која е основана на 23 февруари 1967 година

356

Академик Ѓорѓи Филиповски, еден основачите на Македонската академија на науките и уметностите, почина денес на 100 години.

Филиповски, заедно со Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, се членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ, која е основана на 23 февруари 1967 година.  Во мај годинава, МАНУ со голема свеченост ја одбележа 100-годишнината од неговото раѓање.

Филиповски е роден во село Сорович, Леринско,  во Егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947). Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои во Франција и во САД. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател. Автор е на 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата на почвите на Македонија, за класификацијата на почвите на Македонија, за климатско-вегетацископочвените региони. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...