На самиот почеток на вториот ден на министерскиот состанок на НАТО за одбрана, министерката Радмила Шекеринска примила сочувство од нејзините колеги од земјите членки, како и од генералниот секретар Јенс Столтенберг и високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, за настраданите во сообраќајната несреќа на автопатот Скопје -Тетово, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Од генералниот секретар на НАТО преку високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Могерини до моите колеги министри за одбрана од САД, Германија, Словенија, Холандија и Грција, сите на самиот почеток ги упатија истите зборови на сочувство и огромно жалење за изгубените животи. Тоа покажува дека НАТО Алијансата не е само воен сојуз, туку сојуз на држави кои што ги споделуваат истите вредности, но и кои се заедно во тешки и добри моменти – изјави Шекеринска.
Министерката го пренесе и своето лично сочувство до семејствата и блиските на жртвите на сообраќајката.
– Да го изразам и моето лично сочувство на семејствата и блиските кои загинаа во автобуската несреќа, да им посакам брзо оздравување на оние кои уште се опоравуваат и да истакнам дека денеска можевме и на состанокот на министрите за одбрана да видиме колку е важно заедништвото и солидарноста – вели Шекеринска.