На чија глава ќе паднат повисоките даноци?

Ако владата сака прогресивното оданочување да има позитивни ефекти врз државната каса ќе мора да воведе даночни ослободувања и олеснувања кои во нашиот даночен систем скоро и да ги нема, вели Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“.

413

Сѐ уште не стивнуваат реакциите од воведувањето на повисоките стапки на даконот на доход кои се применуваат од годинава. Покрај прогресивната стапка за месечните приходи од 18 отсто за дел од граѓаните загрижувачка е повисоката стапка од 15 отсто со која ќе се оданочуваат закупнините, дивидендите, игрите на среќа, а за една година и каматите на нивните заштеди и посебно на кредитите.

– Сѐ се плашам дека повисокиот данок ќе треба да го плаќаме ние граѓаните со пониски примања, оти ние живееме под кирија и имаме кредити. Зарем мислите дека сопствениците на станови и куќи кои ги издаваат ќе се откажат од дел од приходот за да платат повисок данок. Секако не, првото по кое ќе посегнат е да го наплатат овој износ од кираџиите. Истото ќе биде и со каматите на кредитите. Која банка се откажува од приходот? Ако го плати таа данокот, ќе го наплати преку најразлични провизии. Дај боже да биде поинаку и државата да го контролира сето тоа – вели скопјанец.

Горан Рафајловски од консултантската куќа „Рафајловски“ главниот проблем при воведувањето на прогресивното оданочување го гледа во тоа што се направени набрзина без да се проанализира актуелната состојба која не е поволна.

– Ако владата сака прогресивното оданочување да има позитивни ефекти врз државната каса, ќе мора да воведе даночни ослободувања и олеснувања кои во нашиот даночен систем скоро и да ги нема. Во спротивно може да очекува даночна евазија и никакво зголемување на приходите – вели тој.

Според него, даночните ослободувања и олеснувања би го амортизирале ударот од повисоките стапки на оданочување и би го подобриле собирањето на даноците.

– Власта изгледа заборави или го превиде фактот дека владата на Никола Груевски пред да го воведе рамниот данок ги укина сите даночни ослободувања и олеснувања. Така обазбеди даночна дисциплина, но секако не обезбеди повисоки приходи во државната каса, дури собираше помали износи од порано и не се избори со сивата економија – вели Рафајловски.

Според него, не може да се очекува закупувачот на имот, на пример, да плати данок од 17,16 отсто и тоа да не им го наплати од кираџиите.

– Тоа значи дека новиот данок повторно ќе го плаќаат граѓаните, а не оние коишто власта планираше да ги оданочи – вели тој.

И од Агенциите за недвижнини велат дека е можна даночна евазија посебно кај закупнините, оти сопствениците на имотите кои ги даваат под закуп откако ќе пресметаат колку треба да издвојат за данок можно е веќе и да не го пријавуваат.
Според нив, зголемувањето од 70 отсто на данокот односно на стапката од 11,11 на 17,16 отсто е големо за сопствениците.

– Рано е да се каже како ќе реагираат закупците на недвижнини на зголемениот данок. Искуството, меѓутоа, покажува дека во периодот кога имаше повисок данок на закупнините, сопствениците не ги пријавуваа имотите. Кога се намали данокот постепено почна пријавувањето, а сега што ќе се случи ќе видиме – вели Димитар Настев, директор на Агенцијата за недвижнини „Импулс“.

Играчите на среќа, пак, се порелаксирани во однос на повисокиот данок кој треба да го платат на добивката.

– Нека има добивки, па и државата нека земе. Кој не сака да плати за добивка на среќа тогаш и нека не игра – вели пасиониран играч.

Владата која го воведе прогресивниот данок очекува годишно да инкасира над 30 милиони евра кои планира да ги потроши за подобување на социјалната состојба на најзагрозените категории граѓани.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...