На час без мобилен само ако се согласат и родителите и наставниците и експертите

Во Карпош учениците ќе ги оставаат своите мобилни телефони во наменски организатори, т.н нумерирани џебови, кои ќе бидат поставени во секоја училница, а меѓу часовите и за време на одморот ќе имаат можност да комуницираат со своите родители, пријатели и блиски.

825

Учениците да седат на часови без мобилни телефони кај нас е можно ако за тоа сите засегнати страни – родителите, училиштата, експертите и институциите, се заинтересирани и пронајдат заедничко решение.

Ова го навестуваат од Министерството за образование и наука (МОН) каде прашавме каков е нивниот став за ова прашање и дали евентуално се размислува за забрана за користење на мобилните телефони во училиштата за време на наставата. Според одговор кој го добивме оттаму, засега нема конкретна иницијатива.

– МОН како институција е отворена и за неа се добредојдени сите иницијативи, идеи и предлози за подобрување на квалитетот на образованието, коишто произлегуваат и имаат поддршка од родителите, училиштата и експертите од областа на образованието – велат од ресорното министерство.

Оттаму сметаат дека мобилните телефони и останата информатичка технологија се сериозен предизвик за општествата воопшто, а што се однесува до нивното користење на часовите во училиште тоа треба да се забрани ако претставува пречка.

– Не само мобилните телефони, туку и сè друго што го попречува наставниот процес и му наштетува на квалитетот не треба да има место во нашите училишта. Убедени сме дека за ова прашање заинтересирани се сите засегнати страни во образовниот процес, почнувајќи од родителите, наставниците, директорите на училиштата и надлежните образовни органи на локално и централно ниво – велат од МОН.

Додека на државно ниво нема ваква иницијатива, на локално забрана за мобилни од септември ќе има во десетте основни училишта во скопската општина Карпош. Имено на почетокот на секој час, учениците ќе ги оставаат своите мобилни телефони во наменски организатори, т.н нумерирани џебови, кои ќе бидат поставени во секоја училница, а меѓу часовите и за време на одморот ќе имаат можност да комуницираат со своите родители, пријатели и блиски.

Мерката е во рамки на проект за кој пред десетина дена се одржа и јавна дебата под мотото „Како технологиите влијаат врз развојот на децата“, во организација на здружението „Ајнштајн“. Станува збор за проект кој е поддржан од Европската Унија и беше пилотиран во училиштата, а се одржаа и консултативни средби со ученици, наставници и родители, со цел да се осети пулсот на сите засегнати страни.

Оваа забрана веќе постои во неколку земји низ Европа, но и во регионот. Лани воведе Албанија и таа важи и за учениците и за наставниците. Според правилата кои беа најавени кога се издаде забраната, децата кога доаѓаат во училиште во 8 часот ги оставаат телефоните во шкафови, аги 13 часот кога и завршуваат часовите, си ги земаат.

Во јуни лани, допис до училиштата дека не се дозволува користење на мобилните телефони испрати и грчкото Министерство за образование. Како што тогаш пренесе весникот „Катимерини“, на децата им се зарани да доаѓаат на школо со било каков електронски уред, а оние кои ги има училиштето можат да ги користат само за време на настава и под надзор на наставниците.

Во Франција од 2010 има забрана за користење мобилни телефони за време на настава, но за наставниците и професорите има во Франција, а од лани таа важи и за децата под 15 години воведе и Франција, кои или мораат да ги остават дома или да ги исклучат до крајот на училишниот ден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...