На трасата каде треба да минува експресниот пат Штип-Кочани откриени гробници од антиката

2599

Тим од археолози од Штип, Скопје и Прилеп веќе неколку дена работат на доцноантичкиот локалитет Долченица, кај селото Жиганци, каде што поминува трасата на експресниот пат од Крупиште кон Кочани.

Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип Митко Штерјов изјави дека веќе откриле дел од некрополата во која биле погребани двајца великодостојници, најдени се керамички предмети и монети од средината на четвртиот век. Имале среќа, рече, што локалитетот и некрополата не биле нападнати од дивите копачи.

-Оваа е малку поголема гробница и веќе се гледа дека можеби има уште еден гроб во неа. Инаку во доцната антика имаме такви примери каде што има двојни погребувања во една гробница. Тоа не е некоја новина, но сепак податок повеќе се наодите што ги најдовме, бидејќи овој гроб не е работен претходно од дивите копачи – рече Штерјов.

Тимот ќе го продолжи истражувањето и на локалитетот кај селото Соколарци, каде што поминува овој екпсресен пат. Рокот за завршување на истражувањата на овие два локалитета е 40 дена.

Активностите на терен, рече Штерјов, чинат околу три милиони денари, а ги финансира ЈП за државни патишта. Овој терен во близината на Крупиште е богат со локалитети, почнувајќи од праисторијата, а на неколку километри се наоѓа и локалитетот Кале, односно градот Равен, каде што е напишана глаголицата. Ваквите тврдења со археолошки истражувања и наоди ги има дадено академик Блага Алексова.

Минатата година археолозите од Музејот во Штип, но и од други институции, работеа на археолошки истражувања и на ексресниот пат Штип – Радовиш. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...