Откако мајка ми ми подари бубрег лани на 14. јуни, живеам сосема друг живот, зашто се спасив од одење на дијализа и други компликации – имам слаби вени па мораше да ми ставаат катетер… Само оној што знае како изгледа да се биде со години на дијализа, да колабира, да му е лошо, што е ужасно нешто, може да разбере колку е важно да се даде согласност за донирање органи по смртта или тоа да го стори човек додека е жив, порачува 46-годишната Валентина Попова Талевска од Битола.
Таа уште на 10-годишна возраст заболела од дијабетес, кој оставил последици и на крвните садови на бубрезите кои полека почнале да откажуваат, па морало да се бара чаре за ситуацијата.
– По 36 години откажаа бубрезите… Две години одев на дијализа, и иако успеав да ги направам сите анализи, не бев ставена на Програма. Но бев упорна, и повторно ги завршив сите неопходни прегледи и еве, го живеам својот втор живот, благодарение, пред сѐ, на мојата мајка Пандора (66), која, без минута размислување, се согласи да ми подари бубрег. А неизмерна благодарност и на д-р Маја, д-р Гоце, д-р Сашо… и на останатите од тимот за трансплантација, што многу се вложуваат за на нас пациентите да ни биде подобро. Најверојатно, бидејќи сите тие беа прекрасни кон мене и ми дадода голема енергија, па тоа јунско утро на операција заминав расположена како да одам во продавница да купам кошула, а не на сложена интервенција од која ми зависи животот. Јас сум сепак пациент со висок ризик поради шеќерот, а имам и 3 бај паса – раскажува Валентина.
Таа се сеќава на драматичните мигови кога ѝ било соопштено дека завршил првиот дел од операцијата.
– Иако не покажував, ми беше многу страв како ќе помине мајка ми на операција. Но кога го видов насмеаното лице на д-р Сашо Дохчев кој веднаш дојде да ми каже дека првата операција со мајка ми добро поминала и дека сега сум јас на ред, бев многу релаксирана и без никаков страв влегов во сала. Кога се разбудив сѐ беше готово, без никаква компликација, а бубрезите почнале да работат уште додека бев на операциона маса… Имав среќа, навистина, а на сите болни на кои им е неопходна трансплантација им порачувам дека вреди да се проба. Не можам да се изначудам дека има бубрежно болни на кои им е неопходно да им се подари орган, а замислете имаат живи родители кои НЕ сакаат да им дадат бубрег на своите деца! Па во ситуација кога и непознати лица по својата смрт треба да ги отстапат своите органи за донирање, неразбирливо е како некој може да не помисли дека на свој најблизок треба да се обиде да му подари орган – нагласува Валентина.
Таа додава дека треба да ја разбудиме хуманоста во нас и да ја зголемиме свеста за потребата од донирање органи и таа повеќе да заживее во нашата земја.
– На сите пациенти кои се со дијабетес, а имаат проблеми и со бубрезите, им порачувам да не се откажуваат од можноста за трансплантација на органи, во случајов бубрези. Но и да ги чуваат и пазат многу своите родители и вообичаено, зашто така треба, и да ги советуваат да внимаваат добро на своето здравје – на крвниот притисок, шеќерот, мастите во крвта… Никогаш не се знае што носи животот и кој на кои години ќе биде донор на органи – раскажува Валентина.
Сега оди на редовни контроли и инаку е многу дисциплиниран пациент – редовно го контролира шеќерот и ги пие лековите против отфрлање на органи.
Освен од својата мајка, таа има голема поддршка и од својот 21-годишен син и од сопругот, кои заедно со неа поминале низ трнливиот пат додека да почне да го живее новиот живот.