На Табановце сакале да прошверцуваат 16,5 тони цигари, а на Богородица 13 тони тутун

112

 

Царинската управа на граничниот премин Табановце со соседна Србија заплени 16,5 тони цигари и на Богородица со соседна Грција спречи обид за нелегален внес на 13 тони тутун во лист наменети за нелегална продажба на македонскиот пазар, информира на денешната прес-конференција директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.

На граничниот премин Табановце, како што соопшти тој, на 28 мај 2019 година, во контрола на товарно моторно возило утврдено е дека истото содржи илјада пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15.000 килограми. Во секој пакет имало спакувано по 50 штеки или вкупно десет милиони парчиња цигари. На истиот граничен премин на 24 мај 2019 година е откриено и комбе со 102 пакети со цигари, со тежина од околу 1.500 килограми или вкупно еден милион парчиња цигари.

Како што посочи Танасоски, станува збор за цигари со кинеска марка „Ashima luhoru size“ и „Marble de luhe“.

– Царинските служби на влез на граничниот премин Богородица на 16 мај 2019 околу 18:00 часот, запленија товарно моторно возило во кое се откриени 130 пакети со 13.000 килограми нето тежина, а бруто тежината е 14.300 со тутун во лист. Истото имало пријавено дека пренесува хартија за виткање тутун, но при направената проверка било утврдено дека возилото е натоварено со тутун во лист. Запленетиот тутун бил наменет за нелегална продажба  како режан тутун на домашниот пазар – вели Танасоски.

Тој посочи дека против сторителите се поднесени соодветни кривични пријави.

Танасоски смета дека доколку цигарите, односно тутунот се нашле на домашниот пазар државниот буџет ќе бил оштетен за околу еден милион евра.

– Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба истите мора да бидат обележани со контролни марки. Контролните марки се потврда дека за тие производи се платени акцизата и останатите давачки на државата, но и дека е извршена контрола на квалитетот. Акцизите учествуваат со околу 22 проценти во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13 проценти, од кои над 5 проценти се од цигари и тутунски производи. Ако се знае висината на буџетот (-3,4 милијарди евра), станува збор за значаен извор на приходи – појаснува Танасоски.

За претходната полициска акција кога беа запленети 12 тони нелегално увезен режан тутун во скопско, тој рече дека во случајот каде што имале заплена на тутун во лист и режан тутун станува збор за затајување давачки кои се случени во внатрешноста на државата каде што царинската управа нема свои надлежности и токму поради тоа случајот го презела финансиска полиција да го води. Моментот кога настанува кривичното дело е претворањето на тутун во лист во режан тутун, односно тоа, како што рече, е моментот на настанување на акцизен долг, кога тутунот станува акциска давачка.

Toj додаде дека досега по оние сознанија кои ги имаат, вработени во Царинската управа не ја злоупотребиле својата службена должност, но, како што рече, „доколу во текот на истрагата излезе дека некое лице тоа го направило ние ќе си постапиме согласно внатрешните процедури на Царинската управа бидејќи имаме посебен сектор кој ги врши тие внатрешни истраги и ќе постапиме согласно наодите“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...