Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во Белград со српскиот министер колега Небојша Стефановиќ го потпишаа меѓувладиниот Договор за заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце-Прешево. Со ова се очекува значително да се намалуваат бирократските процедури и се забрза протокот на возила, односно се намалува можноста за било каков застој.
– Со денешното потпишување на Договорот меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Србија за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце-Прешево ние всушност правиме уште еден чекор напред во интензивирање на нашата соработка. И независно што овој договор се однесува на делот на граничното полициско работење, сепак на него треба да се гледа и како на јасна контрибуција во насока на продолжување на формите за што поблиска соработка меѓу нашите две пријателски земји – рече Спасовски.