Со прегледување на доказните материјали од вештачењето на мобилниот телефон, одземен од обвинетиот Оливер Поповски, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за настаните во Собранието на РМ од 27 април минатата година.
Од видео-снимката направена со мобилниот телефон се гледа како толпата почнува да влегува во собранискиот прес-центар, каде се наоѓаат пратеници и дел од нивното обезбедување. Се слуша како присутните извикуваат „Убијте ги, гадови”, како и измешани пцости. На снимката се гледа како обвинетиот Игор Југ стои во средина на просторијата и два пати се фаќа за темно сив предмет што се наоѓа одзади на десната страна од неговите панталони.
Се забележува како лицата неколкупати фрлаат со сталаци и метални ногарки кон пратениците и луѓето околу нив, како и обвинетиот Поповски зборува со член на обезбедувањето на премиерот Зоран Заев, во тоа време претеник.
На снимката се гледа пратеникот Зијадин Села и како со црвен чадор се удира кон местото каде што стои тој. Потоа пратеникот се наведнува надолу и не се гледа, но се забележува замавнување со црвен чадор кон местото каде се наоѓа Села.
– Се гледаат повеќе лица на местото каде што стоеше пратеникот Села. Се гледа како лице со црвен чадор замавнува кон лице што не се гледа. Обвинетиот Јане Ченто го држи црвениот чадор – наведе обвинителката Вилма Русковска.
По одредено време се забележува Села со повреда на десната страна на челото.
Во моментов во судницата се гледаат кратки видеа од увидот на штетата што е направена во Собранието.
Судечкиот совет во предметот „27 април“ минатата недела одлучи да ја раздвои постапката за обвинетиот Сашо Марковски, кој заради нарушена здравствена состојба е на лекување во ГОБ „8 Септември“. Раздвоената постапка за Марковски ќе продолжи по еден месец, а претходно судот ќе побара мислење за неговата здравствена состојба.
За случајот „27 април“ обвинети се уште 32 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
ФОТО: EPA/STR