На север од Александар, во Европа

Среќната разрешница на деценискиот спор со името македонско, што до пред некој ден беше потполно незамислива работа, претставува потполно неверојатна, безмалку бајковита завршница на еден валкан шовинистички, националистички, теснограден и плиткоумен дисконтинуитет на културната хеленизација на светот.

899
grcev

Учебниците по историја и површното знаење одамна не се сомневаат дека 1453 година и паѓањето на Константинополис под власта на младата и растечка Отоманска империја, ја претставува вистинската пресвртница на неповратното историско поместување на центарот на научниот, уметничкиот и цивилизацискиот напредок од европскиот југоисток – кај што беше вкоренет повеќе од 2000 години – во Западна Европа. Иако историската наука последниов век ја ревидира оваа заблуда, вистината за пропаѓањето на Византиската цивилизација и нејзините последици, за жал, не стасала до многу луѓе. Тоа е затоа што фактите за уништувањето на Цариград и неверојатните блага акумулирани во него, заедно со најголемата количина запалени книги во дотогашната историја, се толку грди што Европа ги криеше и од самата себеси. А вистинската причина за пропаста на најголемата и највеличествената цивилизација на средниот век е Четвртата крстоносна војна, или поточно, нејзиното предавство и прекршувањето на дадената заклетва да се војува за Христијанската кауза, и скршнувањето од планираниот поход на Светата земја заради безумното освојување, ограбување и уништување на источниот светилник на христијанството – Цариград, уште во 1204 година.

Пресвртот во културниот развој на Европа

По дивјачкото ограбување и уништување на Цариград од страна на војничкиот и христијанскиот „крем“ на Европа, градот и царството што го претставуваше, веќе никогаш не се оправија. Кога Мехмед Втори го зазел Цариград 1453 година, градот веќе бил град на духови, со цели квартови во стари урнатини обраснати со плевел и чкаљ, со запуштен изглед во кој на местото на безбројните господски куќи и палати никнале дрвја, а на некогашните плоштади и широки авении градското население ја обработувало земјата со усеви и зеленчук, за да ја преживее сиромаштијата. Но, уништувањето на Цариград 1204 година од страна на малоумниците од Четвртиот крстоносен поход остави многу поголеми последици отколку што е тоа материјалната пропаст на византиската култура: може да се рече дека ова крстоносно злосторство со кој управуваа најстрашните чудовишта на човештвото – Глупоста, Злото и Алчноста, го означи и крајот на средниот век и почетокот на ренесансата во Италија и во Европа, и изврши клучно влијание врз целата нововековна европска историја.

Пресвртот во културниот развој на Европа и нејзиното „излегување“ од темниот среден век, во најголема мера се должи токму на последиците од тоа ужасно западноевропско дивјаштво, пред сè на брановите на миграција на грчките научни, филозофски, уметнички и занаетчиски елити од уништениот Константинополис веднаш по 1204 година, првин во Венеција, потем во другите италијански градови – Фиренца и Рим, за на крајот, во времето на процутената Ренесанса, да ги преплават сите европски дворови. Во никој случај не е претерување ако се рече дека токму на оваа миграција на византиската интелектуална елита може да ѝ се припише заслугата за повторно разбудениот интерес за филозофијата, уметноста и науката на грчката и римската антика, за настанувањето на Ренесансата, а подоцна и на просветителството, хуманизмот и научната револуција што ја породија денешната глобална цивилизација.

Кога човек ќе ја прелиста малку повнимателно историјата, ќе види дека нововековната фасцинираност од грчкиот придонес кон европската и светската култура, не се изразува само низ инспирациите на Петрарка или подоцнежните романтичарски занеси на Бајрон и Колриџ завиткани во опиумски чад, ниту се тоа повикувањата на одеците на атинската демократија, туку е тоа директното и непосредно вградување на грчкиот човечки интелектуален материјал, длабоко во фундаментите на денешната Европа. Грчките емигранти што ги освоија сите европски центри по 1204 и 1453 година беа „граматичари, хуманисти, поети, писатели, печатари, учители, музичари, астрономи, лекари, архитекти, академици, уметници, писари, филозофи, научници, политичари и теолози“, кои на Западна Европа и ги пренесоа сочуваните елементи од акумулираното знаење од грчката античка и византиска цивилизација, кои во најголема мера не го преживеале темниот западноевропски среден век. Списокот на овие врвни експерти во своите струки, кои немале во тоа време рамни на себе во целата Европа, е преголем за овој формат. Можеме само да заклучиме дека насобраното знаење од тогашниот центар на светот, буквално се пресели во Западна Европа и одигра една од клучните улоги во градењето на денешната западна цивилизација.

Среќна завршница

Во светлото на овие немушти историски реминисценции, станува јасно дека нашите преговори за отворањето на вратите на македонските перспективи во заедницата на европските држави и во евроатлантскиот воено-политички безбедносен чадор, всушност не се водеа со нашите соседи, туку со потомците на нивните предци од стариот и средниот век што се преселија на запад. Денешниот западен свет е во цивилизациска и културна смисла непосреден производ на хеленистичките бранови што со милениуми ја заплиснуваа Европа.

Среќната разрешница на деценискиот спор со името македонско, што до пред некој ден беше потполно незамислива работа, претставува потполно неверојатна, безмалку бајковита завршница на еден валкан шовинистички, националистички, теснограден и плиткоумен дисконтинуитет на културната хеленизација на светот. Особено во светлото на фактот дека ништо од клучното цивилизациско влијание на хеленистичките плодови на културата врз модерниот свет, немаше да се случат без експлозијата на хеленската цивилизација што во стариот век ја изведе најголемиот од сите хелени – Александар Трети Македонски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...